Фудбал
Седлоски: Да постигневме гол од двете шанси, мечот ќе отидеше во друга насока
Селекторот на македонската фудбалска репрезентација Гоце Седлоски, по натпреварот против Босна и Херцеговина кој заврши без голови, истакна задоволство од настапот на тимот, напомнувајќи дека нерешениот резултат е најреален, и дека жали за неискористените шанси.
– Во првото полувреме имавме и ние шанси, и Босна имаше иницијатива и шанси. Ако постигневме гол од тие две шанси, ќе беше мечот сосема поинаков. Ова е некоја нова репрезентација, со доста трка, со помагање, со доста борба. Игравме со една селекција која игра на Светско првенство и во една прекрасна атмосфера. Сметам дека нерешениот резултат е најреален. Што се однесува до нападот, мислам дека шансите ќе дојдат. Против силни селекции секоја прилика мора да се искористи, изјави Седлоски.
Тој е задоволен од дебитантите кои беа на овој натпревар. Шанса добија Дин Аломеровиќ, Георгије Јанкулов, Азер Омерагиќ и Дарко Анѓелески.
– Задоволен сум од играчите кои дебитираа. Другите ќе добијат шанса на следниот меч. Знаеме дека се ова тест натпревари, ние се подготвуваме за Лигата на Нации. Со овие и со оние кои ќе се вратат од повреди, ќе направиме една добра селекција, рече предводникот на нашиот национален тим.
Македонските фудбалери в понеделник во Истанбул против Турција ќе одиграат уште еден пријателски натпревар.
мај 30, 2026
