Connect with us

Вести

Трибина „Темел на државноста – визија за иднината“: Потребна ни е консолидација внатре во државата, не смееме да се разликуваме во чувањето на националниот идентитет

Обврската за толкување на историјата лежи кај историчарите, кои зборуваат врз основа на факти и докази и затоа дебатата за историјата треба да им ја оставиме на историчарите. Ние треба да работиме да го браниме она што е најсуштинско за нас, а тоа се корените на нашиот идентитет и нашиот јазик. Не е работа на политичарите да се мешаат во резултатите што ќе ги постигне Историската комисија, но многу е значајно политиката да не влијае врз Комисијата и да има доверба во луѓето што се во таа Комисија дека тие ќе работат врз основа на научни докази и факти при создавањето какви било заклучоци – рече министерот за надворешни работи, Тимчо Муцунски.

На денешната дебата во Владата, организирана по повод 123 години од смртта на Гоце Делчев, шефот на македонската дипломатија рече дека предизвикот што го имаме не е дали ќе ја браниме историјата или не, туку како ќе ја толкуваме и дали ќе дозволиме таа да стане предмет на релативизација. 

– Постојано се зборува за темата за заедничка историја. Јас лично сум убеден дека како регион веројатно споделуваме некаква заедничка историја, но имаме различна меморија и гледишта за она што се случувало на овие територии. Важно е да го почитуваме правото на другиот да ги гледа поинаку работите, но тука е опасноста што некои држави се обидуваат да ѝ наметнат на нашата држава, односно како таа треба да гледа кон својата национална историја и како таа треба да ја толкува својата историја – рече Муцунски.  

Според министерката за образование и наука Весна Јаневска, мора првин внатре во државата да постои консолидација за националните интереси ако како држава сакаме да се справиме со негативните надворешни влијанија. 

– Пред да се справуваме со надворешните негативни влијанија, треба да се консолидираме внатре и да се справиме со внатрешните негативни влијанија, кои ги поткопуваат вредностите за кои сите ние се бориме. Алудирам на една изјава, која дојде пред некој ден од професор што спомна дека Гоце Делчев е мит. Гоце Делчев не е мит, постојат историски докази за неговото дело, за неговата цел – автономна Македонија. Оттука, за да можеме да се браниме од надворешните влијанија, ние мораме да сме монолитни внатре. Се надевам дека многу бргу ќе дојде времето кога ќе сфатиме дека не смееме да си ги поткопуваме темелите. Може да се разликуваме во многу работи, но никако не смееме да се разликуваме во чувањето на нашиот национален идентитет – истакна министерката Јаневска.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3