Свет
Иран одобри привремен план за пристап до глобалниот интернет
Иранскиот Совет за национална безбедност одобри привремен план за да им овозможи на компаниите пристап до глобалниот интернет со помалку ограничувања, изјави денеска портпарол на владата.
Британските медиуми пренесуваат дека одлуката е донесена по неколкунеделниот прекин на интернетот наметнат од властите поради почетокот на војната со САД и Израел.
Според NetBlocks, организација која ја следи и анализира состојбата на интернетот низ целиот свет, повеќето ирански граѓани немале пристап до глобалната мрежа во последните 60 дена, додека само мал број корисници можеле да користат скапи и напредни VPN услуги за да ги заобиколат ограничувањата.
Портпаролката на иранската Влада, Фатеме Мохаџерани, изјави дека Советот ја одобрил програмата „Интернет Про“ со цел да се зачува бизнисот во кризни услови, но не прецизираше кога е воведена мерката.
„Кога надлежните институции ќе прогласат враќање во нормални услови, состојбата на интернетот исто така ќе се промени“, изјави таа, додавајќи дека владата ги разбира барањата на граѓаните и го смета пристапот до интернет за граѓанско право.
Властите прво воведоа целосно исклучување на интернетот на 8 јануари за време на антивладините протести, по што пристапот постепено беше нормализиран во февруари, само за повторно да биде ограничен по почетокот на американските и израелските напади врз Иран на 28 февруари.
Во нормални услови, пристапот до интернет во Иран е ограничен со години поради цензура на бројни веб-страници, додека властите се повеќе се потпираат на таканаречениот интранет систем за внатрешни дигитални услуги, вклучително и образованието.
Програмата „Интернет Про“ претставува обид за балансирање на безбедносните потреби и економските последици, бидејќи прекините на интернетот предизвикуваат сериозни нарушувања во економијата.
Според податоците презентирани од раководителот на комисијата на Иранската стопанска комора за дигитална економија, Афшин Колахи, дневните загуби поради прекинот на интернетот се помеѓу 30 и 40 милиони долари, а со индиректни ефекти до 80 милиони долари, според локалните медиуми.
април 29, 2026

