Connect with us

Вести

Тошковски од Атина: Заеднички и координиран одговор на криминалот и тероризмот – зајакната соработка со Грција

Безбедносната реалност во регионот и пошироко е значително променета, при што организираниот криминал, трговијата со дрога и тероризмот сè почесто се преплетуваат и функционираат како единствена, хибридна закана – порача денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на министерскиот состанок на Акаба-процесот посветен на борбата против организираниот криминал и тероризмот на Балканот, кој се одржува во Атина.

Тошковски, како што соопшти МВР, се обратил на првата сесија за идентификување на заканите и процена на преплетеноста на организираниот криминал, трговијата со дрога и тероризмот и предизвиците што тие ги носат.

– Денес веќе не можеме да ги третираме криминалот и тероризмот како одвоени појави. Тие се дел од ист механизам, кој се потпира на заеднички канали, финансии и логистика и бара координиран, заеднички одговор од сите нас – истакнал министерот за внатрешни работи.

Тој потенцирал дека ваквите закани се транснационални и директно ја поврзуваат безбедноста на државите нагласувајќи дека е неопходно зајакнување на регионалната и меѓународната соработка, размената на информации и координацијата меѓу безбедносните и разузнавачките служби.

Воедно, министерот се осврнал и на конкретните предизвици со кои се соочува регионот, како што се злоупотребата на транспортните коридори, неформалните економски текови, корупцијата, како и новите технологии кои овозможуваат полесно дејствување на криминалните и екстремистичките мрежи.

Во соопштението се наведува дека во рамките на посетата Тошковски остварил билатерална средба со министерот за заштита на граѓаните на Грција, Михалис Крисохоидис, на која биле потврдени одличните билатерални односи и подготвеноста за нивно понатамошно унапредување.

На средбата биле разгледани клучни прашања од заеднички интерес, при што акцент бил ставен на зајакнување на соработката во борбата против организираниот криминал, трговијата со дрога и нелегалната миграција, како и на унапредување на размената на информации и оперативната координација.

Исто така, министрите се осврнале на изнаоѓање заеднички решенија за надминување на предизвиците произлезени од имплементацијата на новиот систем за влез/излез на ЕУ (ЕЕС), со посебен акцент на намалување на времето на чекање на граничните премини во пресрет на туристичката сезона.

Министрите разговарале и за текот на постапките за усогласување на билатералниот договор за соработка во борбата против криминалот, како и за протоколот за реадмисија, кој има цел унапредување на процедурите за враќање на лица што нелегално престојуваат. Биле разменети информации за актуелната состојба со нелегалната миграција, при што била нагласена потребата од координиран и сеопфатен пристап во справувањето со овој предизвик на регионално ниво.

– Двајцата министри ја потврдија заедничката определба за продлабочување на соработката и зајакнување на безбедноста во регионот преку конкретни, координирани и одржливи активности, со цел обезбедување поголема сигурност за граѓаните на двете држави и пошироко. На покана на министерот Тошковки министерот Крисохоидис ќе ја посети нашата држава со цел унапредување на соработката, пред сè, во борбата со организираниот криминал и заедничко изнаоѓање решенија за предизвиците со кои се соочуваме – се наведува во соопштението на МВР. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 3