Свет
„Телеграф“: Фараж се дистанцира од Трамп, не разговарале со месеци
Лидерот на британската Реформска партија, Најџел Фараж, се дистанцираше од американскиот претседател Доналд Трамп и изјави дека не разговарале „со месеци“, објави „Телеграф“.
Лидерот на реформаторите беше долгогодишен сојузник на Трамп и му даваше поддршка на сите избори од 2016 година, истакнувајќи дека е горд што го нарекува свој пријател.
Нивниот однос, според сите показатели, се влошил откако Фараж изјави дека Обединетото Кралство не треба да се приклучи на војната на Трамп против Иран, иако претходно тврдеше дека Лондон треба „да направи сè што може“ за да ги поддржи акциите на САД и Израел, наведува весникот.
Фараж во јануари изрази загриженост поради заканата на Трамп за воведување царини за Велика Британија, посочувајќи дека ќе „разговара“ со него за тоа прашање.
Минатиот месец од Реформската партија негираа дека односите меѓу Фараж и американскиот претседател се заладиле, откако се дозна дека тие не се сретнале за време на посетата на Фараж на резиденцијата на Трамп на Флорида. Извор од партијата наведе дека лидерот се сретнал со Трамп кон крајот на минатата година, како и со високи претставници на администрацијата во Давос во јануари.
Фараж во март изјави дека Британија не треба да се приклучи на војна против Иран, додавајќи дека тој не разговарал со американскиот претседател од почетокот на конфликтот на 28 февруари.
април 24, 2026

