Култура
Кинотека доби финансиска донација од приватна компанија за откуп на филмски материјали од серијалот „Филмске новости“
Кинотеката денеска соопшти дека добила финансиска донација од специјалистичката дијагностичка лабораторија „Авицена“, која ќе биде употребена за откуп на филмски материјал од историско и општествено значење за државата. Станува збор за филмски журнали од серијалот „Филмске новости“, кои во периодот од 1957 до 1972 година биле снимени во тогашната Република Македонија. Наменската поддршка за откуп на филмските материјали од филмскиот архив „Филмске новости“ од Република Србија е во вредност од 4.500.000 денари.
Благодарение на оваа поддршка, Кинотеката ја збогати својата колекција со филмски журнали од серијалот. како што беше посочено на прес-конференцијата, станува збор за вредни аудио визуелни документи кои сведочат за политичкиот, економскиот, културниот и секојдневниот живот во земјата во втората половина на 20 век.
Директорот на Кинотеката на Македонија, Бошко Грујоски истакна дека со финансиските средства од „Авицена“ ќе бидат откупени архивски материјали во времетраење од 1.000 минути или над 16 часови филмски архивски материјали. Потенцира дека со овие донирани средства ќе бидат откупени сите снимени материјали од „Филмске новости“ во периодот од 1957 до 1972 година.
-Една од основните задачи на Кинотеката е да прибира филмови и филмски материјали кои се однесуваат на Македонија и се снимени во земјава. Низ овие 50 години, Кинотеката има прибрано голем број на вакви архивски материјали кои се добиени некои со откуп, некои со подарок или пак со донација. Откупот на филмските материјали „Филмске новости“, Кинотека го почна пред неколку години и досега се откупени филмските материјали до 1956 година. Поради количината, договорот кој ќе го склучиме со „Филмске новости“ ќе трае 16 месеци. Ќе го започнеме годинава и откупот ќе трае до ноември-декември 2027 година рече Грујоски.
Проф.д-р Драгица Поповска од Институтот за национална историја објасни дека филмските журнали како „Филмске новости“ биле еден вид новини, кратки прегледи кои актуелните теми од земјата и светот ги обработувале на филмски јазик, со слика и тон. како што потенцира таа, тие биле еден специфичен вид на медиум, за масовна комуникација кој функционирал како составен дел од репертоарот на киното со кој почнувала секоја претстава, нешто како вести пред филмот.
-Своевремено без журналот не можела да се замисли ниту една престава, дури во најодалечените кино сали во внатрешноста. Колкаво било значењето на „Филмске новости“ како своевидна информација и облик на масовно културно влијание, станува јасно, кога ќе го земеме предвид податокот, дека во средината на 60-те години на минатиот век, тие биле прикажувани на повеќе од 500.000 претстави годишно во киносалите ширум Југославија. Ова ги прави не само визуелно, туку и аудитивно средство со автентичност на документ за времето во кој журналот врши силна политичка и културна функција. Секој журнал го чинеле одреден број на стории кои зборувале за достигнувањата во разни области. Практично нема област која не е допрена – рече Поповска.
Проф.д-р Митко Панов, директор на Институтот за национална историја нагласи дека наративниот контекст содржан во овие журнали даваат една сериозна слика за политички-идеолошкиот контекст на времето во коешто се настанувани. Потенцира дека од друга страна, журналите даваат сериозна димензија во смисла на откривањето на општествените текови кои се реализирани во Македонија, посебно оние важни настани кои се сметале дека се вредни за одбележување на ниво на Југославија.
-Преку меморандумите за соработка со различни институции се обидуваме да ги обединиме силите, капацитетите и на тој начин да ги јакнеме нашите државни институции, а со самото тоа придонесуваме за развојот на македонската држава. Од таа смисла, пораката е дека ние ќе продолжиме да ја расветлуваме историјата, минатото, со цел да овозможиме на нашата држава да се разоткријат одредени сегменти кои не биле доволно познати и на тој начин преку минатото да се сознаеме подобро себеси и денешнината за да можеме подобро или посоодветно да ја позиционираме државата и да ја градиме иднината – рече Панов.
Раководител на филмскиот архив од Кинотека, Игор Старделов информира дека од 2020 година почнало процесот на прибирање на прилозите кои се снимени во Македонија или кои се однесуваат за Македонија.
-Во 2020 година прибравме 43 прилози снимени од 1945 до 1948 година, во вкупно траење од 72 минути. Во 2021 година, 64 прилози снимени од 1948 до 1951 година во траење од 70 минути. Во 2022 година, 61 прилог од 1948 до 1953 година. Во 2024 година вкупно 37 прилози снимени од 1953 до 1955 година, во време траење од 76 минути. А, во 2025 година, 26 приложи снимени од 1955 и 1956 година и неколку прилози од 1957 година. Постарите веројатно паметат дека пред секој филм во кино одеше филмски журнал, и како и денешните вести, тогаш, најпрвин беа значајните политички посети или личности, датуми, индустриски објекти, изградба и сето тоа, за како и денеска впрочем, да заврши со култура и со спорт. Секоја република во тоа време, значи „Филмске новости“ беше сојузна институција, но секоја република имаше свои претставник, вработен во институцијата за компанијата „Филмске новости“, кој ги снимаше и ги испраќаше прилозите од секоја република во централата во Белград. За Македонија на почеток дописник првите три години беше Трајче Попов, а потоа дописник од Македонија и од Косово беше Никола Христовски – рече Старделов.
јуни 4, 2026
