Технологија
„Нисан кашкаи“ го продаде четиримилионитиот модел во Европа
„Нисан кашкаи“ (Nissan Qashqai) слави уште една голема годишнина од производството, со повеќе од четири милиони продадени возила во Европа по неговото претставување пред точно две десетлетија, во 2006 година.
Покрај импресивните бројки на продажба, моделот собра повеќе од 110 меѓународни награди, вклучувајќи 20 титули „Автомобил на годината“ во различни земји. Во текот на три генерации, „Кашкаи“ континуирано еволуираше за да ги задоволи потребите на европските возачи, од напредни системи за помош на возачот и поврзани дигитални технологии до хибридниот погонски склоп „Е-Пауер“ којшто овозможува повеќе од 1.200 километри со еден резервоар гориво со просечна потрошувачка од 4,3 литри на 100 километри. Со сѐ тоа, овој јапонски автомобил ја зацврсти својата позиција како еден од најпопуларните теренци во Европа.
– Четири милиони задоволни клиенти се неверојатно достигнување што ја одразува иновацијата, посветеноста и довербата што клиентите ни ја дадоа, изјави Масимилијано Месина, раководител на регионот „АМИЕО“ на „Нисан“.
Тој рече дека компанијата останува посветена на развој на технологии што го прават возењето побезбедно, полесно и попријатно.
За да ја одбележат оваа годишнина, инженерите во Техничкиот центар на „Нисан“ за Европа претставија видеосерија за „Кашкаи“ наменета за сопственици кои сакаат да го извлечат максимумот од своето возило. Серијата дава практични совети за персонализирање на системите за помош на возачот, паркирање, управување со багажот и користење на „Нисан-паметниот клуч“ (Nissan Intelligent Key)
јули 25, 2026
