Connect with us

Култура

Добитник на Почесното Рациново признание за 2026 е Маќеј Кавка од Полска

Проф. д-р хаб. Маќеј Кавка, истакнат полски лингвист, славист и македонист, текстлингвист и истражувач на дискурсот и медиумската комуникација од 1976 година па се’до денес, е добитник на годинашното Почесно Рациново признание за 2026 кое ќе му биде врачено на свеченото затворање на 63. Рацинови средби на 16 јуни во  Велес.

Како што појасни на денешната прес-конференција, проф. д-р Весна Мојсова Чипишевска, неговото научно дело, создавано повеќе децении, претставува значаен придонес за проучувањето, афирмацијата и меѓународната видливост на македонскиот јазик, литературата и културата. Неговата академска биографија е поврзана со најважните полски научни центри, особено со Јагелонскиот универзитет во Краков, но и со македонската научна и културна средина, со која проф. Кавка одржува трајни, плодни и длабоко посветени врски. 

Проф. Маќеј Кавка е автор на бројни трудови посветени на македонскиот јазик, македонската литература и македонската култура. Меѓу неговите најзначајни дела во оваа област се издвојуваат книгите Polski–macedoński. Studia konfrontatywne, Sześćdyskursów o języku и особено Macedonian Discourses. Text Linguistics and Pragmatics, дело во кое македонските теми се разгледуваат низ перспективата на современата текстлингвистика, прагматиката и анализата на дискурсот. Со оваа книга, како и со голем број статии објавени во Полска и во Македонија, проф. Кавка придонесува македонскиот јазик и македонската култура да бидат претставени како значаен предмет на европската славистичка и лингвистичка мисла.

Неговите македонистички интереси се исклучително широки. Тој пишува за развојот и потребите на македонската текстологија, за кодификацијата на македонската јазична норма, за синтаксичко-семантичките односи меѓу полскиот и македонскиот јазик, за јазикот на македонската книжевност, за делата на Живко Чинго, Петре М. Андреевски и Марко Цепенков, како и за македонските јавни, политички и медиумски дискурси. На тој начин, неговото дело не е ограничено само на лингвистички опис, туку претставува поширок научен придонес кон разбирањето на македонската културна и јазична самобитност.

Од особена важност е и неговата улога во развивањето на полско-македонските научни врски. Проф. Кавка предавал и соработувал со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, учествувал на меѓународни научни конференции и семинари посветени на македонскиот јазик, литературата и културата, а со својата работа придонел за создавање траен простор на научен дијалог меѓу полската и македонската славистика. Неговите настапи, публикации и академски контакти го потврдуваат неговиот статус на еден од најзначајните полски промотори на македонистичките истражувања.

За својот исклучителен придонес во развојот, афирмацијата и меѓународната промоција на македонскиот јазик, литературата и културата, проф. Маќеј Кавка е добитник на повеќе значајни признанија од македонската академска средина. Меѓу нив се издвојуваат златните плакети на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, како и признанието „Воздејства“, кое во 2025 година му беше доделено од ректорката на УКИМ, проф. д-р Биљана Ангелова. Овие признанија ја потврдуваат високата вредност на неговото научно, педагошко и преведувачко дело, како и фактот дека неговата македонистичка дејност е препознаена и во Полска и во Македонија — земјата чиј јазик, култура и книжевност тој ги проучува со научна строгост, трајна посветеност и искрена интелектуална приврзаност.

Во конкуренција за Рациновото признание за 2026 година се 24 романи, издадени  меѓу две Рацинови средби, а добитникот на наградата ќе биде соопштен идната недела на прес – конференција.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1