Вести
Гаши за наводите од Филипче: Постапено е целосно во согласност со Деловникот, со примена на јасно утврдени одредби
Постапувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши е целосно во согласност со Деловникот на Собранието на Република Северна Македонија и во рамки на неговите уставни и деловнички надлежности, се вели во реакцијата на Кабинетот на законодавниот дом во врска со изнесените наводи од страна на претседателот на СДСМ, Венко Филипче дека го прекршил Деловникот со закажувањето на денешната седница на собраниската Комисија за финансирање и буџет.
-Имено, на 18 мај 2026 година, врз основа на член 126 став 2 од Деловникот, претседателката на Комисијата за финансирање и буџет ја свика 64-тата седница на Комисијата за 19 мај 2026 година, со почеток во 11:30 часот. Седницата започна на 19 мај 2026 година и по утврдувањето на дневниот ред беше прекината. Имајќи ги предвид роковите утврдени во член 176 став 2 и член 181 став 1 од Деловникот, повеќе од една третина од членовите на Комисијата, согласно член 126 став 2, на 20 мај 2026 година доставија барање до претседателката на Комисијата за продолжување на седницата во деловнички утврдените рокови, но продолжението на седницата не беше свикано. Поради тоа, на 20 мај 2026 година, група пратеници до претседателот на Собранието доставија барање за свикување продолжение на 64-тата седница на Комисијата за финансирање и буџет, поради непостапувањето претседателката на Комисијата по доставеното барање за продолжување на седницата – се вели во реакцијата на претседателот на Собранието.
Како што се наведува во соопштението од Кабинетот на Гаши, со цел одржување на седницата во роковите утврдени во Деловникот, а согласно член 126 став 3 од Деловникот, претседателот на Собранието на 21 мај 2026 година го свикал првото продолжение на 64-тата седница на Комисијата за финансирање и буџет.
-Оттука, станува збор за постапување кое не претставува политичка волја или произволна интервенција, туку исклучиво примена на јасно утврдени деловнички одредби, со цел обезбедување на функционалноста на Собранието и почитување на роковите предвидени во парламентарната процедура. Сметаме дека Собранието не смее да биде предмет на дневно-политички конструкции и неосновани обвинувања чија единствена цел е создавање политичка тензија и медиумска конфронтација – се посочува во соопштението од Собранието.
Оттаму посочуваат дека претседателот на Собранието останува посветен на принципите на институционалност, правна сигурност и доследно почитување на Деловникот, без селективност и без политички калкулации.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче денеска најави кривична пријава и интерпелација за претседателот на Собранието, Африм Гаши, со образложение дека го прекршил Деловникот.
– Тој закажува состанок на Комисијата за финансирање и буџет, комисија што ја води нашата пратеничка Сања Лукаревска, и покрај тоа што таа е тука и не е отсутна, а Деловникот тоа не го дозволува кога пратеникот е тука, тој задолжува друг пратеник да ја води оваа комисија. Имајќи предвид дека ова е веќе пракса на претседателот на Собранието, Африм, најавуваме дека ќе поднесеме кривична пријава и интерпелација – рече Филипче на прес-конференција.
мај 22, 2026
