Вести
Филипче повеќе од сите Бугарски политичари бара Бугари во Устав: Да ги спроведеме уставните измени, да не го пропуштиме возот за ЕУ
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска упати директна порака и апел до премиерот Христијан Мицкоски за спроведување на уставните измени. Како што рече на прес-конференција, очигледно се подготвува пакет за прием во ЕУ и исклучитлено е важно земјата да не остане надвор од тој процес. Според Филипче, уставните измени се единствениот пат напред, а Македонија не смее да го пропушти возот.
Лидерот на СДСМ повика неговата коалиција и владејачкото мнозинство заеднички да ја преземат одговорноста и за уставните измени и за целиот натамошен преговарачки процес.
– Да ги направиме уставните измени, а потоа да седнеме заедно на маса додека траат преговорите, додека се отворат и затворат преговарачките поглавја. Ако го испуштиме моментот, ќе останеме надвор од сите процеси, слепо црево на Балканот и без буџети. Апелирам до Мицкоски заедно ја преземаме одговорноста за спроведување на уставите измени и понатаму за текот на преговорите и за каков било предизвик со кој ќе се соочиме. Ќе седиме заедно на маса, сите политички фактори зашто тоа е единствениот пат за напредок на земјата. Не постои ризик по ниту една идентитетска одредница. Доколку сега го пропуштиме овој воз, ја пропуштиме оваа можност, а веќе се разговара за буџетирањето во Европската Унија, и тоа се периоди од седум години – ако не влеземе во овој план на ЕУ, тогаш вратите очигледно ќе бидат затворени. Очигледно станува збор за еден од пресудните временски периоди во кои проширувањето на ЕУ е високо на приоритетната листа на Унијата и веќе се разговара за конкретни модели – истакна Филипче на прес-конференција.
Тој се осврна на претстојната посета на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој треба да дојде во земјата ден пред самитот за Западен Балкан во Подгорица.
– Апелирам да му кажеме на претседателот на Европскиот совет, Кошта, дека ќе го направиме следниот чекор, дека ќе ги направиме уставните измени имајќи предвид дека пред една година кога беше тука, јасно кажа: „Не постои план Б. Постои само еден план А, а тој план е преговарачката рамка, која е веќе усвоена од сите земји членки на Европската Унија“. Премиерот да не ја ризикува иднината на земјата и иднината на идните генерации. Денеска видовме уште еден сигнал дека постои волја за проширување во Европската Унија преку нон пејперот од германскиот канцелар. Иако има луѓе што не се согласуваат со тоа што е внатре – постепено членство, учество во институциите на Европската Унија, и тоа не е дефинитивен документ кој е усвоен од Европската Унија, очигледно нема да биде усвоен затоа што има несогласување. Апелирам премиерот Христијан Мицкоски да не го користи овој нон пејпер како дополнително алиби и изговор да не се направат следните чекори, кои, како што сите укажуваат, не може да бидат променети – напомена Филипче.
Лидерот на СДСМ уште еднаш рече дека уставните измени се единствената работа за која би седнал да разговара со Мицкоски.
мај 22, 2026
