Connect with us

Вести

Седум децении подоцна, лидери, дипломати и млади дебатираа за иднината на ЕУ: Европа е наша најдобра алтернатива

Во организација на Европското движење во Република Северна Македонија, Фондацијата Конрад Аденауер (КАС) и Вилфрид Мартенс Центарот за Европски Студии (ВМЦЕС), денес во Скопје се одржа конференцијата по повод одбележувањето на Денот на Европа – 9 Мај, на тема „Седум децении подоцна: Од визијата на Шуман до новите геополитички предизвици на Европа“.

На конференцијата учествуваа високи домашни и меѓународни претставници, дипломати, пратеници, професори, млади и претставници на граѓанскиот сектор, кои дискутираа за иднината на Европската Унија, политиката на проширување и улогата на младите во дигиталната трансформација на Европа.

Претседателката на Европското движење во Република Северна Македонија, Милева Ѓуровска, истакна дека европската идеја денес е поважна од кога било, особено во време на глобални безбедносни и политички предизвици.

„Европа денес се соочува со невидени предизвици, особено присутни во јавниот простор оние од геостратегиски карактер. Според новиот пристап кон проширувањето, интеграцијата на континентот сè повеќе се препознава не само како политички идеал, туку и како неопходно зајакнување што не ги поткопува внатрешните инцијативи за рамнотежа, давајќи им нова енергија. Проширувањето на ЕУ многумина го препознаваат како нов динамичен импулс во европско обединување, бидејќи тука сè уште живее европскиот сон за кој Европејците можеби заборавиле “, порача Ѓуровска.

Официјалниот претставник на КАС, Даниел Браун, изрази задоволство за можноста да го обележи Денот на Европа заедно со, како што рече, нашите партнери Европското движење и ВМЦЕС од Брисел.

„Северна Македонија и ЕУ заеднички се соочуваат со големи предизвици, поради што соработката на европскиот континент е од особена важност. Ми претставува задоволство што можеме со високи претставници од земјата и Европа да дискутираме за актуелни теми“ – изјави Даниел Браун.

Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Африм Гаши, во своето воведно обраќање нагласи дека европската перспектива на државата останува стратешки приоритет, но на малку провокативен начин.

„Не се согласувам дека немаме алтернатива, зашто суштината на демократијата е да се има алтернативи, но сепак, сметам дека нашата најдобра алтернатива е членството во Европската Унија како определба за европски вредности, владеење на правото и подобар животен стандард за граѓаните“, рече Гаши.

Тој го критикуваше и односот на ЕУ кон Македонија што не знаеше да го вреднува компромисот што таа го направи со името, но исто така, беше и самокритичен.

„Патот зависи и од нас самите. Ние треба да одлучиме да го одиме овој пат и да си го поставиме прашањето дали можеме да размислуваме и да се однесуваме како Европејци со почитување и негување на вредностите, ама вистински. Ако тоа го постигнеме и ако секој почне од себе да се менува, јас сум убеден дека ќе ја постигнеме целта граѓаните да живеат достоинствено. Сето друго ќе биде само форма и процедура за пристапување кон ЕУ. Затоа ве повикувам да не бараме изговори, туку да го пронајдеме патот!“, заклучи Гаши.

Во рамки на панел-дискусијата „Од визија до геополитички одговор: Проширувањето на ЕУ во новата геополитичка реалност“, учесниците се осврнаа на актуелните предизвици со кои се соочува Европската Унија, како и на значењето на кредибилен и динамичен процес на проширување за земјите од Западен Балкан.

Германската амбасадорка Петра Дрекслер порача дека интеграцијата на регионот во Европската Унија е од стратешко значење за цела Европа, додека Стефен Худолин од Делегацијата на ЕУ оцени дека реформите, институционалната стабилност и владеењето на правото остануваат клучни за напредокот на земјата.

Збор земаа и Антонијо Милошоски, претседател на Комисијата за Европски прашања, според кого нас како регион ни е потребна јасна и искрена визија како ЕУ го гледа регионот, како и Венко Филипче, претседател на Националниот совет за Европски интеграции, кој сподели дека ситуацијата е јасна и проширувањето е еден од четирите приоритети на ЕУ. „Ние имаме официјална понуда од ЕУ и таа се вика преговарачка рамка! “ – поентираше тој.

Во рамките на настанот беше доделено и признанието „Европска личност на годината за 2025 година“ на Сашко Кедев – интервентен кардиолог, универзитетски професор и алпинист, за неговиот исклучителен придонес во медицината, образованието и меѓународната афирмација на државата.

Традиционално, посебен акцент беше ставен на младите, преку одржувањето на Младинскиот клуб на тема „Младите и дигитална Европа: Од следбеници кон лидери“, ораторски натпревар на студенти од повеќе универзитети на тема „Зошто си заминуваме“ и квиз на знаење за Европската Унија со учество на средношколци од повеќе училишта од Скопје.

Маркетинг
Ad 1
Ad 1