Connect with us

Економија

Димитриеска-Кочоска од Братислава: Словачките искуства значајни за реформите, дигитализацијата и борбата против сивата економија

Дигитализацијата на даночните процеси, унапредувањето на управувањето со јавните финансии, анализата на јавните трошоци и продлабочувањето на економската соработка беа теми на разговор на работниот состанок меѓу делегациите на Македонија и Словачка, предводени од министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска и министерот за финансии Ладислав Каменицки, што се одржа денеска во рамки на официјалната посета на министерката Димитриеска – Кочоска на Словачка.

Министерството за финансии попладнево информира дека двете делегации разговарале за тековните макроекономски и фискални состојби, анализата на јавните трошоци и управувањето и евалуацијата на јавните инвестиции, како и за дигиталните алатки во даночниот систем, меѓу кои е-фактура, е-фискализацијата и QR плаќањата.

Министерката посочила дека искуствата на Словачка во делот на дигитализацијата на даночните процеси претставуваат значаен пример за тоа како преку технологија може да се зголеми ефикасноста, транспарентноста и борбата против сивата економија и даночното затајување.

Како дел од разговорите била отворена и темата за процесот на Анализа на трошоците (Spending Review), кој согласно Реформската агенда 2024–2027 во Македонија ќе започне во текот на  годинава и претставува важен чекор кон поефикасно и потранспарентно управување со јавните финансии.

– Македонија веќе е во фаза на воведување на системот за е-фактура, при што до крајот на годината очекуваме негова целосна имплементација, посочила министерката Димитриеска – Кочоска.

Министерката се осврнала и на економските движења во земјата, посочувајќи дека македонската економија во 2025 година оствари раст од 3,5 проценти, поттикнат пред сè од инвестициите и домашната побарувачка, со значителен придонес од инфраструктурните проекти и приватниот сектор. Во однос на економските очекувања за 2026 година, министерката нагласила дека Владата останува внимателна во услови на глобална неизвесност, но дека проекцијата за раст се темели на инвестициите, структурните реформи и поддршката на приватниот сектор.

– Нашиот фокус останува јасен – стабилни јавни финансии, поддршка на инвестициите, дигитализација на услугите, борба против сивата економија и подобрување на деловното окружување, нагласила министерката, додавајќи дека искуствата од Словачка како земја членка на Евроската унија се од особено значење за Македонија, особено во делот на управувањето со јавните финансии и спроведувањето на реформите поврзани со европската интеграција.

Министерот Каменицки ја истакнал подготвеноста на Словачка за размена на искуства и експертиза во областа на јавните финансии, дигитализацијата и реформските процеси, со цел поддршка на економскиот развој и европската интеграција на Македонија.

Министерката изразила уверување дека соработката меѓу двете земји ќе продолжи да се продлабочува и во наредниот период преку конкретни иницијативи, размена на експертиза и заеднички активности што ќе придонесат за економски развој и подобри услови за граѓаните и бизнисите во двете земји.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4