Економија
Мојсоска Блажевски од „Македонија 2025′: Македонија мора да забрза со економскиот раст, реформите и поврзувањето со дијаспората
Македонија и покрај одреден напредок сè уште значително заостанува зад земјите членки на Европската Унија, поради што се неопходни длабоки реформи, побрз економски раст и поефикасни институции, изјави главната извршна директорка на „Македонија 2025“, Никица Мојсоска Блажевски, на денешниот брифинг со новинарите за претсојниот Самит 2026.
Таа информираше дека годинава Самитот „Македонија 2025“ има цел да понуди конкретни решенија и јасни пораки за економскиот и општествениот развој на земјата во однос на макроекономијата и економскиот раст, како и фокус на инвестициите, инфраструктурата и лидерството.
Таа посочи дека иако податоците за странските инвестиции не се поволни, меѓународните анализи сепак препознаваат одреден исчекор на земјата кон инвестиции со поголема додадена вредност, што, според неа, треба да биде насоката и во иднина.
Во рамки на Самитот ќе се разговара и за инфраструктурниот развој, со учество на претставници на Владата и Министерството за транспорт и врски, а програмата ќе биде прилагодена на современите формати – со пократки и поинтерактивни сесии, интервјуа и директни разговори.
Блажевски најави дека програмата ќе опфати теми поврзани со лидерството, дигитализацијата и вештачката интелигенција, како и панели со говорници од корпоративниот, граѓанскиот и дипломатскиот сектор. Самитот ќе биде затворен со пораки од високи владини претставници.
Говорејќи за идните планови на организацијата, Мојсоска Блажевски нагласи дека „Македонија 2025“ влегува во нова стратешка фаза со стратегија до 2030 година, заснована на три клучни столба – економски развој, образование и лидерство, и дијаспората.
-Без економски раст не можеме да зборуваме за ништо друго. Но, исто толку важно е вложувањето во луѓето и поврзувањето со дијаспората, која претставува голем неискористен потенцијал за земјата-рече таа.
Организацијата, како што посочи, продолжува со соработката со Владата во неколку области, меѓу кои дигитализацијата, воспоставувањето национален научно-технолошки парк и развојот на услуги за дијаспората. Воедно, најави и промоција на нова дигитална платформа наменета за поврзување на дијаспората со Македонија.
Мојсоска Блажевски потенцираше дека „Македонија 2025“ е независна и непартиска организација, која критички, но конструктивно придонесува во јавниот дискурс, а сите вклучени работат на волонтерска основа.
Оваа година на самитот се очекуваат околу 700 учесници и над 300 компании вклучени во различни активности.
Самитот „Македонија2025“ е водечка регионална платформа која ги здружува глобалните бизнис лидери, креаторите на политики, инвеститорите, иноваторите и членовите на дијаспората за да ја обликуваат иднината на економскиот раст и лидерството во Југоисточна Европа.
мај 8, 2026

