Connect with us

Вести

Отворен вториот дел од реконструираното Одделение за управни работи во зградата на МТВ

Во зградата на Македонската телевизија денеска и официјално беше отворен вториот дел од реконструираното Одделение за управни работи. На настанот присуствуваше министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, кој истакна дека реновирањето е дел од поширок процес за унапредување на условите во кои граѓаните ги остваруваат своите законски права.

Според министерот, позитивните реакции од граѓаните се секојдневни, особено во однос на подобрените услови и услугите што ги добиваат во управните служби. Тој најави дека МВР ќе продолжи со реновирање и на другите објекти во државата.

– Се надевам дека тоа ќе го реализираме во најкраток можен рок. Ќе продолжиме со реновирање на сите други управни служби на територијата на Македонија со цел да им обезбедиме на македонските граѓани културна и достоинствена услуга од страна на Министерството за внатрешни работи – рече министерот.

Одговарајќи на прашања за новата систематизација во МВР, Тошковски информира дека интересот за огласените работни места е висок, со над 900 апликации за некои од позициите. Тој нагласи дека нема да има отпуштања поради несоодветно образование.

– Можам да кажам дека сите видови образование, со кои моментно сме затекнати, нема да бидат причина за негативни последици, односно вработените ќе може да извршуваат одредени работни позиции што и досега ги извршувале, дури и во случаи во кои образованието не е целосно соодветно, особено кога станува збор за пониски нивоа. Нема да има отпуштања од работа или радикални мерки поради несоодветно образование. Новата систематизација овозможува секој затекнат вработен да може да се снајде врз основа на искуството, годините работен стаж и другите релевантни фактори во рамките на систематизацијата. Во иднина предвидуваме малку поригорозни критериуми во однос на соодветноста на одредени професионални позиции во согласност со потребата од попрофесионален одговор во работењето на Министерството – посочи Тошковски.

Во врска со проектот „Безбеден град“ и лажните СМС-пораки за плаќање казни, Тошковски апелира до граѓаните на внимателност.

– Граѓаните мора да бидат внимателни од кого ја добиваат пораката. Тоа се пораки од чудни броеви и адреси што не доаѓаат од официјални канали на МВР. При секој обид за манипулација МВР навремено ќе постапува и ќе ги информира граѓаните – рече тој.

Министерот повтори дека проектот „Безбеден град“ дава резултати наведувајќи дека бројот на жртви во сообраќајот е намален од 47 во 2025 година на 26 оваа година. Тој најави дека системот ќе биде имплементиран во целата држава до крајот на годината по фази, како што се исполнуваат условите во градовите.

На крајот, Тошковски информира дека е објавена и нова постапка за набавка на полициски униформи.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3