Connect with us

Вести

Патологот Станков: Температурата во пожарот во „Пулс“ стигнала до 700 степени, исто како во крематориум

Директорот на Институтот за судска медицина, Александар Станков, на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во судницата во „Идризово“ изјави дека кај 33 жртви се пронајдени цијаниди во крвта, кај 49 имало присуство на алкохол, кај осум дрога и кај четири имало седативи и антидепресиви, но дека главна причина за смрт кај починатите лица врз основа на обдукциските наоди и токсиколошките анализи кај 59 починати лица на 16 март 2025 година се насилно задушување од труење со јаглероден моноксид, амбиентално задушување, компресивно задушување и термичко оштетување на дишните органи.

Кај другите четири лица што починаа како причини за смрт се изгорениците и оштетувањето на белите дробови.

– Јаглероден моноксид е најчест токсичен гас што се јавува при пожари во затворен простор. Тој многу бргу и добро ја исполнува просторијата и е доминантен причинител за смртта. Кога се дава причина за смрт, се дава основниот и доминантен причинител. Кај овие лица процесот на отпочнување на смртта е од јаглероден моноксид, но не можеме да ги исклучиме и другите дополнителни фактори. Доминантна причина е јаглероден моноксид, а потпомогнале и синергистички дејствувале топлиот воздух, чадот и вдишување цијанид, кои само го потпомогнале дејството на настапување на смртта – изјави Станков.

Водородниот цијанид, посочи Станков, само потпомогал, но труењето со јаглероден моноксид е главен причинител за смртта. Доколку водородниот цијанид бил главен причинител, тогаш и бројките, како што рече Станков, би биле многу поголеми.

Станков, на прашање од Обвинителството, на почетокот објасни дека Институтот за судска медицина бил вклучен на два начини – со наредби на Обвинителството биле извршени обдукции на жртвите со цел идентификација и утврдување на причините за смрт, а кај повредените во пожарот за утврдување на причините на повредите и нивна правна квалификација.

– Причината за смрт кај секоја од жртвите беше утврдена врз основа на надворешниот и внатрешниот наод од обдукциите, како и резултатите од токсиколошките испитувања – рече вештото лице.

Во писмените извештаи за извршените обдукции Станков посочи дека се содржани дел од токсиколошките наоди – јаглероден моноксид и алкохол, а во пасусот, каде што биле наведените резултатите, ставен е дел дека сите други резултатите ќе бидат дополнително доставени.

Причина за тоа, нагласи Станков, е што одредени токсиколошки анализи бараат подолг временски период за испитување, како и огромниот број примероци.

– Во однос на водородниот цијанид, потребна е прецизна метода затоа што на Институтот се инсталира нов апарат и по неговата инсталација и проверка за исправноста, беа направени овие анализи. Мора да напоменам дека токсиколошките анализи се работеа во континуитет и сите беа извршени врз основа на наредбите за обдукција на починатите – изјави Станков.

Станков рече дека резултатите за присуство на јаглероден моноксид се напишани и ги има во извештаите за извршените обдукции.

– Кај седум лица е утврдена до 10 %, кај 17 до 20 проценти, кај 17 до 30 проценти, кај 14 до 40 % и кај четири лица над 40 % концентрација на карбокси хемоглобин во крвта – рече Станков.

Јаглеродниот моноксид е безбоен гас и без мирис и се создава при нецелосни согорувања и е еден од водечките причини за смрт, својата токсичност ја искажува со тоа што се врзува со хемоглобинот во крвта и има до 200 пати поголема врска од кислородот, со што оневозможува транспорт на кислород до органите. Тој се врзува и со миоглобинот во мускулите, со што предизвикува слабост во мускулите и отежнато движење.

– Основна симтоматологија при труење се главоболка, вртоглавица, повраќање и смрт. Кај пожари, особено во затворен простор, никогаш не треба да се гледа како изолиран. Тој е доминантен, но има и други штетни фактори, кои го потпомагааат неговото дејство. Освен јаглероден моноксид, при пожари во затворен простор се создаваат и други токсични гасови. Поради согорувањето, просторијата се полни со чад, кој при вдишување ги затнува дишните патишта, како и жешкиот воздух при вдишувањето. Затоа не треба да се гледа и споредува со одредени таблици дека од 50 до 70 % концентрација треба да има за да настапи смрт. Тоа е комплексно – изјави Станков.

Разлика меѓу труење и задушување со јаглероден моноксид не постои затоа што задушувањето може да биде поинакво.

– Кај јаглероден моноксид задушувањето е од хемиска реакција и нема никаква разлика. Задушувањето е на клеточно ниво бидејќи јаглеродниот моноксид не дозволува транспорт на кислород до ткивата – рече Станков.

Токсиколошките анализи, нагласи Станков, покажале дека водороден цијанид не е содржан во крвта кај 26 лица.

– Цијаниди во крвта се пронајдени кај 11 лица до 0,6 микрограми на милилитар, кај пет до 1 микрограми на милилитар, кај девет лица до 2 микрограми, кај четири лица до 3 микрограми на милилитар и кај четири лица до 5,25 микрограми на милилитар – изјави Станков.

Водородниот цијанид е безбоен гас и се создава при пожари и при согорување полиутерани. Еден од најтоксичните гасови, кој исто влијае на клеточно ниво и го оневозможува клеточно дишење. При негови високи концентрации во воздухот, додека се дише, смртта настапува многу бргу – и до една минута.

Концентрацијата на цијанид во крвта никогаш не треба да се гледа изолирано кога се работи за ваков комплексен случај. Концентрација меѓу 2 и 3 микрограми на милилитар прави тешки компликации, а над 5,5 се смета дека се смртоносни. До ова е дојдено искуствено бидејќи има најдени и повисоки концентрации што не се смртоносни.

За резултатите добиени при анализи на етил алкохол во крвта кај починатите, сведокот рече дека кај 10 немало алкохол во крвта, кај 12 до 0,5 грам промили, од кои пет малолетни. Кај 15 до 1 грам промил. Кај 11 до 1,5 грам промили, кај девет до 2 грам промили и кај две лица над 2 грам промили, односно 2,05 и 2,29.

Освен овие, Станков рече дека направени се испитувања и за присуство на лекови и дроги.

Кај едно лице се најдени седативи и аналгин, кај едно само седативи и кај двајца антидепресиви, кои не може да се купат без рецепт. Психоактивни дроги се пронајдени, и тоа кај шест лица кокаин, кај едно лице кокаин и амфетамин и кај едно лице канабис.

Труењето со јаглероден моноксид има специфични и неспецифични индикации. Надворешно тоа се светлоцрвени дамки, крвавење под кожата, многукрвност под конјунктивите. Во внатрешните наоди течна и светла крв, розово пребројување на внатрешните органи и скелетната мускулатура.

Цијановодородот, според вештакот, дава слична, но не иста слика. Има светлоцрвени дамки, но тука имаме црвенило, односно розеникаво пребројување на органите, но немаме црвеникаво пребројување на мускулите. Тоа е клучно.

– Кај сите кај кои е дадена причина насилно труење со јаглероден моноксид имаше карактеристична слика за труење со јаглероден моноксид, дури и кај другите немаше типична слика за водородно труење – рече Станков.

Вештото лице рече дека компресивна асфикција има најчесто при стампеда кога најчесто се јавува притисок на стомакот и градниот кош или комбинирано – притисок на стомакот, градниот кош и вратот.

Амбиентална асфикција означува задушување поради намалување на нормалниот процент на кислород во воздухот.

Вештото лице рече дека изгореници на дишните патишта претставуваат значаен фактор за настапување смрт на лица при пожар во затворен проатор. Воздухот во тие простори се загрева на многу висока температура и доаѓа до изгореници на слузницата на носот, гркланот и дишните патишта.

Врз основа на обдукцијата и она што влијаело на починатите, како топол воздух и гареж од чад, давањето кислородна поддршка, според вештакот, не би дало резултат, со оглед дека повеќето се донесени во болница починати.

Обвинителството на минатото рочиште ги изведе обдукциските наоди и мислења од Институтот за судска медицина за причините на смртта на жртвите, како и медицинска документација и податоци за повредените, кои се јавиле за укажување медицинска помош по пожарот, во кој загинаа 63, а повредени беа над 200 лица.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а обвинението го застапува тим од 15 јавни обвинители.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4