Вести
Слободан и новинарството без предрасуди
Дојче Веле
Слободан Иванов е симбол за новинарство ослободено од предрасуди. Како новинар, лице со церебрална парализа, 11 години живее со домашните и светските вести во редакцијата на МИА. Вели дека новинарството и пишаниот збор се многу моќно оружје во остварувањето на правата на лицата со попреченост.
– Мислам дека новинарството и пишаниот збор се многу моќно оружје во остварувањето на правата на лицата со попреченост. Се трудам да го искористам тоа оружје максимално што можам – вели Иванов.
Текстовите на Слободан Иванов од редакцијата МИА се над ограничувањата кои ги носи неговата состојба. Како новинар, лице со церебрална парализа, 11 години живее со домашните и светските вести.
– Во тоа некако се пронајдов себе си затоа што го сакам македонскиот јазик, стандардното, правилно литературно пишување и тоа ми беше предност на мојот почетокот во МИА – вели Иванов.
Неговиот обид во новинарство го направи столб на рубриката „Магазин.
– За овие 10-11 години колку што е тука Боби порасна во еден сериозен човек. Има капацитет, многу е чист во изразот, води сметка како зборува и што кажува – изјави Сашко Димевски, уредник во МИА.
– Обесхрабрување, тој фактор просто го занемарував. Што ме охрабруваше? Тоа што секој ден се соочуваш со нови настани, никогаш не е досадно. Во тоа е убавината на новинарството – вели Слободан.
– Го темпираме темпото да може да прави шест, седум, осум вести во текот на денот, што за него е извонреден успех – додава Димевски.
– Се трудам да бидам тимски играч, тоа е мојата предност ми се чини – вели Боби.
– Добар е. И можам само да кажам дека ќе расте – нагласува Димевски.
Секоја вест на Слободан е пример дека новинарството може да е инклузивно. Особено кога придобивките од технологијата ги чувствуваме сите.
– Технологијата едноставно сите не прави побрзи. Мојот развој не зависи само од технологијата, но делумно тоа има удел – рече Слободан.
– Неговото опстојување 10 години во Агенцијата, начинот на којшто расте, покажува дека професијата наша, веројатно како и други професии имаат простор да дозволат лица со попреченост да се вклопат во професијата, а со тоа всушност да се вклопат и во реалниот живот – вели Димевски.
– Сега јас сум посмел, похрабар, порешителен во кој било дел од животот. Во поглед на нови чекори во развој на личноста. Да, мислам дека ме направи порешителен, поодлучен – заклучува Иванов.
Секоја пишана и објавена вест од него е пркос. По професија новинар, по диплома историчар кој магистрира политички науки.
– Се чувствувам растоварен. Да, од сите негативни погледи, негативни коментари. Се трудам постојано да бидам пример за себе и за мојата заедница на лица со попреченост, мислам дека така се менува и погледот на општеството кон тие граѓани со попреченост – вели Слободан.
Носејќи ја слободата во себе, Слободан е симбол за ослободено новинарство од предрасуди.
мај 3, 2026

