Connect with us

Вести

Уставен суд: Уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на културните работници

По медиумскиот интерес за став од Уставниот суд, во однос на најавениот протест пред Судот денеска (28.04.2026) информираме дека во конкретниот предмет е поведена постапка врз основа на изразен сомнеж за уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура и на член 76-љ од Законот за културата, се наведува во соопштението од Судот, што МИА го пренесува интегрално. 

Станува збор за втора фаза во која ќе се оценува уставност и законитост, конечна одлука за оспорените акти се уште не е донесена. 

Со особено внимание се следат реакциите во јавноста и загриженоста што ја изразуваат претставниците на културната заедница. Уставниот суд го почитува и го штити правото на јавно изразување и протест како темелна демократска вредност.

Поради ова, Судот апелира до јавноста,  внимателно и објективно да ги следи информациите поврзани со овој предмет, имајќи ја предвид фазата во која се наоѓа постапката. Точното информирање е особено важно за да не се создава впечаток дека Судот веќе донел одлука или дека предметот се однесува на вреднување на работата, значењето или примањата на уметниците и културните работници. 

Судот постапува исклучиво во рамки на своите уставно утврдени надлежности и одлучува по уставно-правни прашања, односно ја оценува усогласеноста на прописите со Уставот. Во таа смисла, предмет на разгледување не е работата, значењето или придонесот на уметниците и културните работници, ниту пак нивниот статус или примања.

Важно е да се направи јасна разлика: уставно-судската контрола се однесува на актот, а не на културните работници. Почитта кон нивната улога во општеството е неспорна.

Линк со аргументите од поведената постапка на 9. седница на Уставниот суд: https://ustavensud.mk/archives/38466 

Маркетинг
Ad 1
Ad 2