Вести
Светски ден за безбедност и здравје при работа, лани во државава 132 несреќи при работа, 31 со смртен исход
Во текот на 2025 година се евидентирани 132 несреќи при работа, од кои 31 со смртен исход, покажуваат податоците од Годишниот извештај за несреќи при работа и професионални заболувања за 2025 година, што по повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа – 28 април го објави Македонско здружение за заштита при работа.
Најмногу несреќи при работа имало во Преработувачката индустрија 33, по што следуваат градежништвото , 15, јавна управа и одбрана и задолжително социјално осигурување, 12, дејности на домачќинства како работодавачи и кои произведуваат разновидна стока и вршат различни услуги за сопствени потреби, 11, административни и помошни услужни дејности 10, транспорт и складирање, 9,…

-Посебен осврт во извештајот е даден на трагични настани кои ја одбележаа годината, вклучително и пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, кој, истакнува Здружението, дополнително ја нагласи важноста од доследно почитување на прописите за безбедност, управување со ризици и ефективен инспекциски надзор.
Токму затоа, анализата на повредите треба да ја користиме како алатка за учење, а не за критика. Веруваме дека секоја несреќа може да се спречи со правилно планирање, соодветна обука и постојана будност, велат од Македонското здруженение за заштита при работа.

Оттаму порачуваат дека безбедноста и здравјето при работа не се избор, туку обврска.

– Секој работник има право да се врати дома безбедно, а секој работодавач има должност да го обезбеди тоа, истакнува Македонското здруженение за заштита при работа.
По повод Светскиот ден за безбедност и здравје при работа, Советот за безбедност и здравје при работа денеска во Скопје организира настан поддржан од проектот „Кон безбедна и здрава работна средина во Северна Македонија“.
Целта на проектот е намалување на повредите и заболувањата на работните места преку зајакнување на законската и регулаторната рамка, модернизација на трудовата инспекција, воспоставување национален информациски систем за безбедност и здравје при работа и унапредување на националните капацитети во оваа област. Се спроведува од Меѓународната организација на трудот (МОТ), со финансиска поддршка од Европската Унија и ќе трае до октомври 2028 година.
Подигнување на јавната свест за важноста на безбедните и здрави услови за работа како предуслов за достоинствен труд, поголема продуктивност и одржлив економски развој, е една од клучните пораки на проектот, кој има за цел да придонесе кон современа и превентивна национална рамка за безбедност и здравје при работа, усогласена со стандардите на МОТ и ЕУ.
Во рамки на настанот предвидени се обраќања од претставници на институциите, Европската Унија, МОТ, работодавачите, синдикатите и Советот за безбедност и здравје при работа, како и стручни излагања и работилница посветени на психосоцијалните аспекти на работата, стресот и менталното здравје на работниците, како и на потребата од создавање здрави психосоцијални работни средини
април 28, 2026

