Свет
Бирол: Се соочуваме со најголемата закана за енергетската безбедност во историјата
Директорот на Меѓународната агенција за енергија (ИЕА), Фатих Бирол, денеска изјави дека светот се соочува со најголемата закана за енергетската безбедност во историјата.
– До денес изгубивме 13 милиони барели нафта дневно … А присутни се и големи нарушувања во снабдувањето со клучни стоки – рече Бирол преку видеоврска на настан организиран од „CNBC Converge“ во Сингапур.
Бирол и претходно предупредуваше дека војната во Иран и продолжувањето на затворањето на Ормуската Теснина би можеле да доведат до најголемата енергетска криза со која светот некогаш се соочил.
Европа добива околу 75 проценти од своето авионско гориво од рафинериите на Блискиот Исток, а тоа сега е практично на нула. Европа сега се обидува да го набави од САД и Нигерија, но без дополнителен увоз, ќе се соочи со сериозни проблеми.
ИЕА, која има 32 членки, во март пушти во промет 400 милиони барели нафта од стратешките резерви за да ги ублажи последиците. Бирол нагласи дека дополнителното ослободување на резервите е само привремено олеснување, а не решение.
– Тоа само ги ублажува последиците, но не е лек. Вистинското решение е повторното отворање на Ормуската Теснина. Со ова добиваме на време, но тоа не е трајно решение – рече тој.
Бирол ги повика владите да ја зајакнат отпорноста преку алтернативни извори на енергија, вклучувајќи ја и нуклеарната енергија, како и преку примена на поефикасни технологии, како што се електричните возила.
Ормуската Теснина, низ која пред војната секојдневно поминуваа во просек по 20 милиони барели нафта и нафтени деривати, моментално е под двојна блокада, бидејќи ниту Иран ниту САД не дозволуваат влез или излез на бродови од теснецот.
април 23, 2026

