Свет
Производителот на чоколади „Ритер Спорт“ ќе крати работни места првпат во 110-годишната историја
Германскиот производител на чоколади „Ритер Спорт“ (Ritter Sport), познат по своите карактеристични квадратни табли, планира да ги намали работните места за првпат во 110-годишната историја на компанијата по минатогодишните разочарувачки резултати, соопшти денеска портпаролот.
Кратењата ќе го погодат седиштето на компанијата во близина на Штутгарт, при што ќе биде укината приближно секоја десетта позиција, изјави портпаролот за ДПА.
Наглото зголемување на цените на суровините, особено на какаото, како и трошоците за енергија и пакување, силно се одразија врз бизнисот. Компанијата исто така регистрира значително намалување на побарувачката од страна на потрошувачите. И покрај порастот на продажбата, „Ritter Sport“ влезе во „минус“ во 2025 година, при што оперативната добивка беше далеку под очекувањата.
Компанијата вработува околу 1.900 луѓе ширум светот. Околу 1.000 лица работат во седиштето во градот Валденбух, вклучувајќи нешто повеќе од 600 во администрацијата. Според плановите, ќе бидат укинати околу 70 административни позиции.
Минатата година приходите се зголемија за околу 17,7 отсто – на 712 милиони евра (од 605 милиони евра во 2024 година). Сепак, овој скок не беше доволен за да се надоместат „масовните зголемувања на трошоците“ во целиот синџир на вредности. Зголемениот обрт беше резултат на покачувањето на цените на чоколадите, што помогна да се подигне прометот и покрај падот на реалниот волумен на продажба.
април 23, 2026

