Connect with us

Вести

Мицкоски од Виена: Отворен и конструктивен дијалог за унапредување на соработката, посебно во економијата

Во Виена се одржа значајна средба помеѓу делегација на Македонија и делегацијата на Австрија, во атмосфера на отворен и конструктивен дијалог. Разговорите беа фокусирани на унапредување на соработката во повеќе области од заемен интерес, со посебен акцент на економијата, инвестициите и идните заеднички проекти, информира попладнево премиерот Христијан Мицкоски.

-Ја потврдивме подготвеноста за продлабочување на партнерството и зајакнување на билатералните односи. Средбата беше можност за размена на ставови, идеи и визии за понатамошен развој, со јасна цел постигнување конкретни резултати и долгорочна соработка, напиша Мицкоски на својот фејсбук профил.

Премиерот денеска, во рамки на посетата на Австрија, имаше тет-а-тет средба со австрискиот канцелар Кристијан Штокер. Клучната порака од средбата, како што истакна на заедничката прес-конференција, е дека Европа се наоѓа во пресуден момент кога мора да избере дали ќе реагира на кризите или активно ќе ги обликува правилата. 

-Во услови на неизвесност, енергетски предизвици и економски притисоци, зборовите не се доволни, потребни се конкретни одлуки и дела. Нашата определба е јасна – да градиме економија што создава, а не само троши. Да градиме држава што нуди сигурност, а не неизвесност. Да градиме систем во кој работата се исплати, а довербата има вредност. Европа нема да биде силна ако нејзините делови останат слаби. Европа нема да биде стабилна ако нејзините периферии останат несигурни. Европа нема да биде конкурентна ако нејзините економии не растат заедно. Затоа ова е прашање на билатерална соработка. Но, ова е прашање и на заедничка одговорност. Ние сме подготвени да ја преземеме таа одговорност. Подготвени сме да работиме. Подготвени сме да носиме одлуки. Подготвени сме да испорачаме резултати. И затоа веруваме дека со партнерство што се темели на доверба и конкретни проекти, ќе изградиме нешто што ќе трае подолго од еден мандат, подолго од една криза, подолго од една генерација, рече Мицкоски.

Македонската владина делегација што ја предводи премиерот Мицкоски во Виена и во чиј состав се вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски,  министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, како и министерот за животна средина и просторно планирање, Муамет Хоџа, попладнево ќе учествува на бизнис-форумот на кој директни средби ќе имаат претставници на македонски и австриски компании.

Маркетинг
Ad 1
Ad 2