Connect with us

Култура

Награда за филмот „17“ на фестивал во Италија

Дебитантскиот игран филм „17“ на режисерката Косара Митиќ, кој учествуваше на 39. Филмски фестивал во Болцано, Италија (Bolzano Film Festival Bozen) во Главната натпреварувачка програма (Competition BFFB39), освои Награда за поддршка на дистрибуцијата на филмот од автономната покраина Трентино-Јужен Тирол.

„Црна мачка продукција“ соопшти дека одлуката за наградата ја донело меѓународно жири во состав: Андреа Бернард – режисер и архитект од Италија, Сузан Бург – филмска критичарка од Германија, Роберто Фарнети – доцент по политички науки од Италија, Ана Ладиниг – кураторка и културна работничка од Австрија и Фредерик Мер – филмски новинар и критичар од Швајцарија. 

Во нивното образложение е наведено дека Наградата за дистрибуција на филмот од автономната покраина Трентино-Јужен Тирол се доделува „за убедливиот дебитантски игран филм од млада режисерка“ и дека се работи за „моќен и интензивен филм, кој не му остава на гледачот друг избор освен да продолжи да гледа“.

-Сместен во националистичко и патријархално општество, тој слика прецизен портрет на еден свет во кој мажите се обликувани од длабоко вкоренетото чувство на привилегираност и во кој насилството, вклучително и врз жените, е дел од секојдневниот живот. Режисерката е фиксирана на изразот на протагонистката: нејзината изведба го носи филмот со суров и постојан емоционален интензитет. Го наградуваме ова дело за неговата формална прецизност и повикот за итно општествено дејствување. Тоа е филм што едноставно мора да се погледне, особено од младата публика низ цела Европа, бидејќи се осврнува на реалност која, иако специфична за локацијата, сепак е и пошироко болно препознатлива – пишува во образложението на жирито. 

Продуцентската куќа информира дека филмот „17“ ќе учествува и на два други фестивала: 22. Интернационален филмски фестивал „Лас Палмас де Гран Канарија“, кој ќе се оджува од 23 април до 3 мај, и 20. Филмски фестивал „Кросинг Јуроп“ – од од 28 април до 3 мај во Линц, Австрија.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1