Connect with us

Култура

Превентивна заштита на музејските експонати и материјал од штетници и обнова на диорами во струшкиот музеј

Превентивна заштита на музејските експонати и материјал од штетници и обнова на диорами во музејот „Д-р Никола Незлобински“ во Струга и годинава се врши со средства од годишната програма на Министерството за култура и туризам.

Проектот, како што вели директорката Цветлана Василевска, придонесува за зачувување на струшката гордост – „Природонаучната поставка“, која во 2028 година ќе слави 100 години постоење. Активностите ги реализира одделот за препарирање предводен од самостојниот препаратор Васко Јолески и препараторот Бојан Крстески.

– Превентивната заштита на експонатите во „Природонаучната поставка“ се врши редовно секоја година, а се користат пестициди и разни хемиски средстава во согласност со ЕУ-стандардите за заштита и превенција од штетници. Вработените во одделот постојано ја следат состојбата на изложените експонати за кои од особена важност се и микроклиматските услови, особено зголемената влага, поради што беа поставени одвлажнувачи – истакна Василевска. 

Таа посочи дека од минатата година се обновуваат диорамите за да се добие поавтентичен изглед и да бидат поатрактивни за посетителите. 

– Модернизирани беа четири диорами, а оваа година е планирано да се обноват и дел од другите. За таа цел, препараторите собираат природни материјали: трска, реси, песок, блато, кои ќе ги искористат да се долови природното живеалиште на птиците, а посетителите да добијат претстава во какви средини живеат овие животни – изјави Василевска.

Со обновата на диорами и модернизацијата на „Природонаучната поставка“, струшкиот музеј добива нов сјај, кој ќе привлече поголем број посетители од земјата и странство.

Маркетинг
Ad 2
Ad 4