Вести
Стојанче ја снимал Ивана додека ја тепал, па се смеел додека таа плаче
Солзи, страв, понижување и груби навреди кон Ивана. Обвинетиот Стојанче Јовановски откако ја истепал ја пријавил во полиција и ја снимал со својот телефон сега починатата сопруга, додека таа плаче и бара одговори од него зошто ја удирал. Обвинителството презентираше неколку видео снимки во судница. Две од нив се од 10 февруари годинава кога Јовановски се јавил во полиција и ја пријавил сопругата за семејно насилство. На двете видеа Ивана плаче, додека нејзиниот сопруг Стојанче Јовановски и се смее.
На видеото Ивана ја поткрева блузата и пак ја спушта, а Јовановски цело време се смее. Тој сака да излезе низ вратата, но Ивана го спречува и му вели да не бега бидејќи самиот си викнал полиција и сега треба да ја чека. Во еден момент што се гледа на видеото, Ивана му се обраќа на Стојанче со зборовите.
По бубрези ме маваш зашто сам ми имаш кажано дека татко ти мавал по бубрези кога бил полицаец, за да не се познава, вели Ивана Јовановска.
Потоа го прашува:„А по скали што ме бутна во болница пред сведоци што сакаше да ме убиеш и што те пријавив? Колку пати ме имаш тепано? Во систем колку пријави има дека има семејно насилство од твоја страна“.
Обвинителството овие снимки ги посочува како доказ за психичко малтретирање по претходно физичко насилство. Но, ова не е единствениот доказ.
На судењето беа презентирани и уште две видеа од камерите пред катната гаража кај судска палата од 2 март, два часа пред самоубиството. На нив се гледа како Јовановски пред Кривичниот суд вика, гестикулира и ѝ удира шлаканица на Ивана, во присуство на Мартин Саздов. Ивана повикува полиција, која доаѓа, разговара со сите и по потпишување документи тие си заминуваат, по што тројцата со возило го напуштаат местото.
Презентирана е и втора снимка во близина на судот каде Ивана повторно повикува полиција. Полициските службеници повторно доаѓаат и за кратко си заминуваат.
Обвинителството достави и други докази, меѓу кои договор за дар на станот во кој живееле тој, сопругата и малата Ивана, обдукциски извештаи, извештаи од институции и документација од претрес.
Судењето продолжува во петок на кое исказ ќе дава обвинетиот Јовановски.
Јовановски според Обвинителството сè почесто ја тепал и омаловажувал Ивана во домот во присуство на Катја, на јавни места, и пред други сведоци, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка од домот каде живееле, и дека ќе ѝ ја одземе нивната малолетна ќерка. Обвинет е за телесна повреда, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство. Се соочува со максимална 11 годишна затворска казна.
април 15, 2026

