Connect with us

Вести

Куртиши: Новиот возен парк значително ќе ја подобри работата на „Македонска пошта“

Последните 10 години немало ваква сериозна посветеност на влада кон нашата институција – изјави денеска директорот на „Пошта на Македонија“, Орхан Куртиши, кој заедно со премиерот Христијан Мицкоски и заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски, присуствуваше на промоција на новиот возен парк за потребите на институцијата.

Тој рече дека со преземањето на должноста генерален директор била анализирана целокупната состојба и биле увидени многу потреби како во инфраструктурниот аспект и условите за работа така и во кадровскиот дел.

– Овие теми континуирано ги дискутирав со премиерот Христијан Мицкоски и министерот Александар Николоски. Наидов на разбирање и отворена врата за соработка. Недостигот на транспортните средства беше една од најочигледните точки што ни создаваше постојани проблеми во секојдневното функционирање – истакна Куртиши.

Тој на новинарско прашање одговори дека во 2025 имале нови вработувања, а се чекаат уште и во 2026 година.

– Денеска е важен ден за „Пошта на Северна Македонија“, како и за нејзините вработени. Со помош на Владата на Република Северна Македонија, преку Министерството за транспорт, за потребите на нашата институција добивме донација од 100 возила. Деведесет се автомобили пикап, 10 се комбиња. Оваа поддршка значително ќе ја подобри секојдневната работа во нашата институција – изјави Куртиши.

Прашан за фиктивни вработени, тој рече дека кога дошле на позиција, ја скенирале ситуацијата и имало такви луѓе, но по преземените мерки, состојбата е средена, така што некои почнале да доаѓаат на работа, а други биле отпуштени.

– Тоа нема да биде практика на оваа влада – луѓе што не доаѓаат на работа да земаат плата – одговори Куртиши.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4