Култура
Премиера на „Саатот“ во прилепскиот театар, прва претстава од годинашнава програма
Ансамблот на прилепскиот театар „Војдан Чернодрински“ утревечер од 20 часот на „Сцена 105“ во Центарот за култура „Марко Цепенков“ премиерно ќе ја прикаже претставата „Саатот“ од Лидија Митоска Ѓорѓиевска во режија на Кристина Димитрова. Ова е прва претстава на театарот од годинашната програма.

Драмскиот автор Лидија Митоска Ѓорѓиевска која како драматург работи во Театарот е со посебни впечатоци дека ќе се постави на сцена нејзиното прво драмско дело кое е и наградувано. Ова е претстава за судирот помеѓу објективното и субјективното време кои ретко се синхронизирани, но и за повторливоста наспроти минливоста – две спротивности од кои, колку и да бегаме, секогаш, без исклучок, нѐ наоѓаат.
-Имам чудно и интересно чувство за тоа дека мое дело е поставено на сцената на прилепскиот театар. Чувствата се измешани, горда сум, но не ретко бев таа која барав да се смени тектот. Исполнета сум, а имам посебна благодарност до екипата на театарот која толку добро го претстави тетстот во целосна претстава, рече Митосака Ѓоргиеска.

Според режисерката Кристина Димитрова повеќе треба да се поставуваат текстови на домашни автори.
-Чест ми е што ми се даде можност на сцена да поставам текст на современ македонски драмски автор. Текстот е напишан 2020 година и сметам дека без македонска драма нема македонски театар, рече режисерката Димитрова.
Наташа Ачански, актерка, смета дека поставила лик на сцената кој цел живот „нема време за ништо“.
-Во претставата се третира тема која е вечна. Темата за „времето“ била, е, и ќе биде актуелна. Играм лик на жена Вера која има проблем со времето. Нејзе ѝ поминува времето, не може да се фати во костец со него, рече Ачански.
Актерот Димитар Ѓорѓиевски смета дека екипата функционира како „часовник“.
– Многу ни значеше заедничката соработка во претставата и дека ја направивме на текст од член, да речам, на ансамблот, рече Ѓорѓиевски.
Актерот Филип Јездиќ гостува од Битолскиот театар, а го толкува ликот на „Саатот“, но е и вклучен во автентичната музика.
-Ова е мое второ учество во претстава на прилепскиот театар. Имам хибридна улога- истовремено на актер и на музичар зашто соработував со Томе Темелкоски.

Во претставата „Саатот“ играат: Филип Јездиќ, Димитар Ѓорѓиевски и Наташа Ачански. Сценoграфијата и костимите се на Благој Мицевски, а музиката на Филип Јездиќ и Томе Темелкоски.
Оваа е првата од петте претстави што прилепскиот театар ќе ги работи оваа година.
април 2, 2026

