Connect with us

Култура

Изложба на 50 графики во техника монотипија изработени од деца со попреченост по повод Меѓународниот ден на лица со аутистичен спектар на нарушување

Афирмирање на детскиот труд пред се на децата со попреченост, односно со аутизам е целта на инклузивниот креативен проект „Длабоко во себе“ во рамки на кој тие на работилници изработија 50 графики во техника монотипија, поставени на изложба по повод Меѓународниот ден на лицата со аутистичен спектар на нарушување, која е отворена од денеска до 5 април во објектот Чифте амам при Националната галерија на Македонија.

Ова за МИА го изјави едукаторот во Националната галерија на Македонија, Mаја Димитрова, која рече дека ваквите проекти се на принцип на инклузија односно децата да работат и со нивните врсници, учениците од редовната настава. 

Посочи дека станува збор за работилници во кои биле вклучени ученици од ОУ „Невена Георгиева- Дуња“ од Кисела Вода, ОУ „Св. Климент Охридски“ во Драчево, ОУ „Исмаил Ќемали“, ОУ „Имри Елези“, ДСУ за рехабилитација и образование „Свети Наум Охридски“, Здружението „Инклудиверса“, како и студенти од Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ под менторство на проф. д-р Бурхан Ахмети.

Овие проекти, појасни таа, се значајни од повеќе аспекти, воспитно, образовен и уметнички, од секој аспект гледано.

– Станува збор за неформално образование кое учениците имаат помалку можности да го стекнат во текот на редовната настава. Тоа важи за сите. Од друга страна зборуваме долго време за инклузијата, за жал тоа многу поретко или потешко се применува во тековното живеење. Ваквите проекти се единствен и многу практичен пример како тоа вистински функционира и се применува. Ова е повеќе од ефикасно затоа што децата првенствено излегуваат надвор од училиштето и доаѓањето во галеријата претставува еден вид возбуда, на радост, бидејќи објектите се повеќе од податливи за работа, широки, светли и големи, потоа можноста да се запознаат едни со други. На работилницата кога сите ќе ги засукаат ракавите не велат „јас сум од ова училиште“, туку работат сите заеднички, рече Димитрова.

Според неа, и за учениците со попреченост е голема среќа и радост да работат со нивните врсници, да бидат прифатени, а за децата од редовните училишта е исклучително важно кога ќе се вклучат во таквиот процес да видат дека тоа е пријатно искуство и дека нивните другари се мили, симпатични да ја добиваат улогата на заштитници.

– Корисно е таквиот вид работење и проекти. Во улога на ментор и од мојата страна се веќе студентите од Педагошката академија кои се идни наставнички и за нив тоа многу значи, бидејќи на пример тие кога ќе завршат високо образование не е само да го земат дневникот и да отидат на настава, туку малку повеќе да размислуваат дека ваквите дополнителни активности го дополнуваат формалното образование на учениците, колку некои знаења многу се потрајни кога директно ќе бидат вклучени во сето тоа и со голем ентузијазам и голема радост беа вклучени, истакна Димитрова. 

Темата на работилниците била морски свет. Со графички бои децата цртале риби, морски ѕвезди, октоподи, желки, школки и полека навлегувале во графичката техника. Со притисок, рачно или низ преса, бојата ја пренесувале на хартија. За разлика од другите графички техники, каде што може да се направат повеќе исти отпечатоци, кај монотипијата секој отпечаток е единствен. Резултатот со ваквиот начин на сликање е уникатна графика.

– На децата им беше дадена задача да работат во морскиот свет, но длабоко нурнаа во длабочините на морето, ама јас би рекла метафорички најдлабоко си нурнаа во себе и светот кој го гледаме е многу почист и поискрен од оној кој ние можеме да го замислиме, додаде Димитрова.

Проф. д-р Бурхан Ахмети од Педагошкиот факултет „Свети Климент Охридски“ – Скопје изјави дека најдоброто е што кај сите деца кои учествувале во работилницата се чувствувала голема радост поради нивното учество, тие комуницирале, работеле заедно, направиле прекрасни дела, а резултатот е убавата изложба.

Наставникот Орхан Емровски од здружението „Инклудиверса“ рече дека секое дете кое учествувало на изложбата има свој уникатен талент.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2