Connect with us

Култура

Сиљановска-Давкова ја отвори изложбата „Архивски документи“ на Жанета Вангели во македонскиот КИЦ во Загреб

Во македонскиот Културно информативен центар во Загреб вечерва беше отворена изложбата „Архивски документи“ на светски признатата македонска уметница Жанета Вангели.

Изложбата ја отвори претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, која се наоѓа во официјална посета на Хрватска. На настанот се обратија директорката на Центарот, Мими Ѓорѓоска Илиевска, директорот на Националната галерија, Али Синани, како и кураторката Маја Крстевска.

Според организаторите, присуството на претседателката Сиљановска-Давкова претставува силна поддршка за уметноста и порака за значењето на културата како мост меѓу народите.

-Изложбата „Архивски документи“ претставува ново авторско истражување на Вангели, чија работа е препознатлива по концептуален пристап, силен визуелен јазик и критичка ангажираност, истакна Крстевска.

Станува збор за прво претставување на Вангели пред хрватската публика, со вкупно 41 дело изработени во техника принт на плексиглас и придружни аудио материјали.

Проектот е замислен како патувачка изложба, која ќе биде поставена и во културните центри во Белград, Истанбул и Софија.

Изложбата „Архивски документи“ на професорката и ликовна уметница Жанета Вангели е првиот програмски проект за 2026 на Национална галерија. Овој проект е реализиран во македонскиот Културно информативен центар во Загреб со поддршка на Министерството за култура и туризам.

Жанета Вангели, родена во 1963 година во Битола, дипломирала на прочуената Städelschule во Франкфурт, една од најреномираните европски академии за современа уметност. Таа е редовна професорка на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, а нејзината уметничка кариера вклучува учества на значајни меѓународни манифестации, меѓу кои и Венецијанското биенале, како и бројни музејски поставки ширум Европа и светот.

Маркетинг
Ad 1
Ad 4