Connect with us

Култура

Мултимедијален настан, самостојна изложба, промоција на книга и музички перформанс во Уметничката галерија во Куманово

Кумановци ќе имаат можност да проследат мултимедијален настан кој обединува визуелна уметност, промоција на книга и музички перформанс кој ќе се одржи на 27 март (петок) со почеток во 20 часот во Уметничката галерија при НУ Музеј Куманово.

Во рамки на настанот ќе биде отворена самостојната изложба „Прашина и сенки / Dust and Shadows“ на авторот Страхил М. Петровски. Проектот, како што објаснува уметникот, ја истражува тенката линија меѓу присуството и неговиот одраз, преку симболиката на прашината како метафора за времето, меморијата и минливоста, како и сенките како трага на постоењето.

Кумановци ќе ја проследат и промоцијата на книгата „Дијалози за слободата“ од новинарот Љупчо Јолевски. Делото, како што посочува промоторот д-р Коста Милков, претставува збир на разговори со визуелни уметници, преку кои се откриваат нивните креативни процеси, мотиви и погледи за улогата на уметноста во општеството.

Музичкиот дел од програмата ќе го одбележи настапот на Добрила Грашеска, една од истакнатите современи македонски уметници, позната по спојот на традиционални и современи музички изрази. Во рамки на настанот ќе настапат и младата кантавторка Веда Спасовиќ, како и импро-џез дуото составено од Глигор Кондовски (виолина) и Филип Методиев (гитара).

Настанот е во организација на Здружението „Фабрика Концепт“, со поддршка на Фондацијата за култура и спорт и Општина Куманово. Организаторите ја поканија публиката да ја проследи, „визуелно-тонската приказна“ која отвора простор за размислување, емоција и уметничка интеракција.

Маркетинг
Ad 3
Ad 3