Connect with us

Култура

Романот „Синевина“ од норвешка писателка Маја Лунде преведен на македонски јазик

Во рамките на проектот „ЕУрека: Читањето – семе на иднината!“ издавачката куќа „Антолог“ го објави романот „Синевина“ од современата норвешка писателка Маја Лунде, на македонски јазик преведен од  Искра Бадева. 

Романот симболично стана достапен за читателите на Светскиот ден на водата кој според календарот на Обединетите нации се одбележува секоја година на 22 март.

Годината е 2017. Сигне, Норвежанка која цел живот се бори за зачувување на природата, на речиси седумдесет години повторно се качува на својата едрилица „Синевина“. Таа тргнува на долго и опасно патување кон Франција, решена да го пронајде човекот што некогаш го сакала и да се соочи со минатото.

Франција, 2041 година. Давид и неговата мала ќерка Лу преживуваат во свет опседнат со суша и глад. Како климатски бегалци, тие талкаат низ хаотична Европа во потрага по вода и сигурност. Во дворот на напуштена куќа длабоко на копното откриваат стара едрилица – неочекуван симбол на надеж, но и таинствена врска со една друга приказна од минатото.

-Меѓународниот бестселер „Синевина“ од норвешката авторка Маја Лунде е моќен и вознемирувачки роман што ја истражува човечката врска со природата и последиците од климатските промени. Преку две временски линии, приказната ги поврзува минатото и иднината во драматично сведоштво за светот во кој водата станува најважниот ресурс.  Со силна нарација и длабока емотивност, романот отвора прашања за ранливоста на природата, одговорноста на човекот и изборите што денес ги правиме – избори што ќе ја обликуваат иднината на следните генерации. Во „Синевина“ жедта не е само за вода, туку и за дом, иднина и сигурно пристаниште. Објавен во дваесет земји и номиниран за Наградата на норвешките книжари, „Синевина“ е истовремено предупредување и приказна за надежта –  потсетник дека сè уште имаме време да го зачуваме најголемото богатство на планетата, наведува „Антолог“. 

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во склоп на „Креативна Европа“ на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Министерствата за култура на РС Македонија. Романот е достапен во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.

Маја Лунде (1975) е норвешка писателка и сценаристка со книжевно деби во 2012 година. Во 2015 стекнала огромна меѓународна препознатливост со „Историја на пчелите“, кој е и првиот роман во нејзината квадрилогија за луѓето и за климатските промени. Има напишано десетина книги за деца и млади. Авторка е и на сценарија за филм и телевизија. Делата на Лунде се преведени на повеќе од четириесет јазици и имаат освоено голем број награди и признанија.

Маркетинг
Ad 3
Ad 4