Култура
Објавен романот „Немам страв“ – психолошки трилер од Трајче Стамески
Издавачката куќа „Панили“ го објави психолошкиот трилер „Немам страв“ од Трајче Стамески, за кој информира дека е роман за границата меѓу фантазијата и вистината.
-Книга за храброста да се измисли смисла пред лицето на заборавот и за етичката одговорност што ја носи допирот со туѓата интимност. „Немам страв“ од Трајче Стамески го поставува прашањето дали уметноста може да го замени животот — и дали тоа право секогаш ни припаѓа. Но и роман што отвора многу други прашања коишто досега не сме ги сретнале во прозно дело од македонски автор. Во „Немам страв“, ликот Ана Ред, по смртта на сопругот Тристан пронаоѓа окер папка со таен ракопис. Пред неа се отвора една внимателно изградена архитектура од зборови. Ракописот сведочи за четири патувања низ годишните времиња со Елис — жената кон која Тристан не се осмелил да ја изговори својата љубов. Низ редовите, Ана открива обид на еден човек да се спротивстави на сопствената минливост. Соочен со губењето на сеќавањата, Тристан создава реалност во која љубовта е возможна како чист креативен чин. Онака како што очигледно е можно само во мајсторски напишан роман каков што е овој на Трајче Стамески, наведува издавачката куќа.
Според писателот и универзитетски професор Венко Андоновски, дебитантскиот роман „Немам страв“ е мајсторски изведен психолошки трилер, во кој анегдотската нарација се спојува со длабока психолошка анализа.
-Со прецизна игра на наративни гласови и фокализации, Трајче Стамески создава прозен свет што го држи читателот во постојана напнатост до последната страница. Овој роман сведочи за автор со изразен личен стил и висока прозна зрелост, истакнува Андоновски за книгата која е достапна во книжарниците на „Матица македонска“.
Трајче Стамески е универзитетски професор по македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Автор е на повеќе научни трудови. Неговиот творечки интерес е насочен кон современата проза, наративните техники и односот меѓу фикцијата и психолошката стварност.
-„Немам страв“ е негов прв роман, но со него, според реакциите на критиката и на првите читатели, прави огромен чекор на книжевната сцена, се наведува во соопштението.
март 24, 2026

