Connect with us

Култура

Објавени две нови книги од Ацо Ѓоргиев: „Прибежиште во зборот“ и „Дешавки“

„Прибежиште во зборот“ и збирката анегдоти „Дешавки“ на струмичкиот автор Ацо Ѓоргиев се двете нови книги кои деновиве ги промовираше издавачката куќа „Македоника литера“.

Поетската книга „Прибежиште во зборот“ содржи околу четириесет песни, распоредени во три циклуси. Во поговорот на изданието, Даниела Пејева истакнува дека зборот во поезијата на Ѓоргиев е дом на смислата, мерка на совеста и место на човечката вистина.

Втората книга, „Дешавки“, е збирка кратки раскази и анегдоти на струмички дијалект, инспирирани од луѓе и случки од Струмичко. Авторот ги бележи и прераскажува како сведоштво за секојдневието во минатото и сегашноста. Во поговорот на книгата, Ице Беличев наведува дека делото не претставува само хумористична збирка, туку целосно сведоштво за животот на луѓето од неговата околина, со бројни локални личности, прекари и случки зачувани од заборав.

„Дешавки“ е втора книга на Ѓоргиев посветена на анегдоти од Струмичко, по „Прикаски у три реда и еден уврт“. Со новото издание вкупно се објавени сто анегдоти.

Ацо Ѓоргиев (1970) од Муртино е афористичар, поет, раскажувач и драмски автор, препознатлив по употребата на струмичкиот дијалект во своето творештво. Неговото творештво опфаќа афоризми, хумористични раскази, анегдоти и драмски текстови. На крајот на 2025 година „Македоника литера“ ја објави неговата комедија „Струмички шерифи“.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2