Култура
Ѓоко Здравески на фестивалот „Горанова пролет“ во Хрватска
Македонскиот поет Ѓоко Здравески ќе биде гостин на еден од најдолготрајните фестивали на поезија во светот „Горанова пролет“, кој годинава ќе се одржи по 63-ти пат од 19 до 22 март, во Загреб, Луковдол и Риека, Хрватска.
Фестивалот е посветен на живите поетски гласови – домашни, регионални, европски и светски, а се одржува во чест и спомен на Иван Горан Ковачиќ, како и на идејата за поезијата како форма на борба за лична и универзална слобода. Програмите традиционално се одржуваат околу првиот ден од пролетта, роденденот на Иван Горан Ковачиќ и Светскиот ден на поезијата.
На фестивалот ќе настапат околу четириесет поети од сите генерации од Хрватска и светот, а меѓународниот фокус оваа година е на поетските гласови од северна Европа.
Традиционалните награди „Горанов венец“ за целокупен придонес во поезијата и „Горан за млади поети“ ќе бидат доделени за време на фестивалот.
Ѓоко Здравески е роден 1985 година во Скопје. Дипломирал и магистрирал на Катедрата за македонска книжевност и јужнословенски книжевности при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Работел како лектор по македонски јазик на Филозофскиот факултет во Ниш и на ИНАЛКО во Париз, како уредник во издавачките куќи „Бегемот“ и „Темплум“, како библиотекар на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици при Филолошкиот факултет во Скопје, а како уредник соработувал и со интернет-порталите „Репер“, „Блесок“ и „Окно“. Од јуни 2014 до јуни 2018, заедно со Ана Голејшка, во „Менада“ ги организирал книжевните читања „Астални проекции“, бил дел од организацијата на неколку изданија на скопскиот фестивал за кратки фикции „Друга приказна“, бил дел од организацијата на фестивалот „Артерија“, а од 2021 до 2024 година бил и еден од организаторите на „Скопскиот поетски фестивал“. Објавил пет книги поезија, првите четири во едицијата „Огнови“ на издавачката куќа „Антолог“: „Палиндром со две н“ (2010), „Куќичка за птици преселници“ (2013), „Љубавина“ (2016) и „Дедикар икарал“ (2017), а последната книга поезија „Небо трето“ (2025) ја објавува во издавачката куќа „Бегемот“. Поезијата му е објавена на десетина европски јазици. Од 2015 година е дел од европската поетска платформа „Версополис“. Во 2019 година во издавачката куќа „Бегемот“ ја објавил и книгата кратки раскази „Отсечки стварност“. Досега превел дваесетина книги од српски/хрватски/босански на македонски јазик.
март 18, 2026

