Connect with us

Култура

„Кармен“ на Драмски театар – Скопје отвора фестивал во Јужна Кореја

Со монодрамата „Кармен“, Драмски театар денеска ја отвора официјалната програма на „Seoul international monodrama festival 2026“ во Јужна Кореја. Фестивалот се одржува од 17 до 26 март во организација на театарот „Samilro Changgo theater“ од Сеул, соопштија од Драмски театар – Скопје.

– Овој театар е историски исклучително важен „мал театар“ што се смета за центар на алтернативната и современа сцена во Јужна Кореја. Со меѓународниот фестивал посветен на монодрамата како специфична и исклучително предизвикувачка сценска форма, театарот успешно се позиционира на светската театарска мапа, се наведува во соопштението.

Со внимателно селектираната програма, како што се нагласува, фестивалот го потврдува значењето на монодрамата како силна и современа форма на театарски израз, што преку актерот како единствен носител на дејството, успева да отвори универзални теми и длабоки човечки приказни.

Предвидено е фестивалската публика, освен македонската претстава, да може да проследи осум претстави од Јужна Кореја, Полска, Јапонија, Романија и Италија, што ќе понудат разновидни уметнички пристапи, современи сценски јазици и иновативни актерски изрази.

Монодрамата „Кармен“ е работена по мотив од романот „Пет часа со Марио“ од шпанскиот писател Мигел Делибес, а својата премиера ја имаше во мај 2021 година. Режијата и драматизацијата се на Дејан Пројковски, сценографијата на Валентин Светозарев, сценските движења на Олга Панго, костимографијата на Раде Василев, а музиката на Горан Трајкоски.

Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Кармен има добиено неколку меѓународни награди и признанија. Во Сеул ќе биде 49. изведба на монодрамата што публиката може да ја проследи на редовниот репертоар на Драмскиот театар. 

Маркетинг
Ad 4
Ad 3