Живот
Меѓуѕвездената комета „3-и / Атлас“ невообичаено богата со метанол
Астрономите кои ја проучуваат меѓуѕвездената комета „3-и / Атлас“ (3I/ATLAS) открија дека е невообичаено богата со алкохол т.е. метанол. Oвиe наоди околу нејзиниот хемиски состав би можеле да водат кон откритија за настанокот на планетите и ледените тела околу други ѕвезди.
Користејќи ги моќните радиоантени на радиотелескопот „Голем милиметарски/субмилиметарски ареј во Атакама“ (АЛМА) во Чиле, истражувачите открија исклучително силни знаци на присуство на метанол – поедноставен молекул на алкохол, во придружниот гасен облак на кометата. Како што „3-и / Атлас“, имено, се приближуваше кон Сонцето и тоа ја загреваше нејзината ледена површина, таа испушташе гас и прашина, обликувајќи светла трага, т.е. светлосна обвивка околу самото вселенско тело. Токму тоа ѝ овозможи на „АЛМА“ подробно да го проучи хемискиот состав на кометата. Мерењата покажуваат дека метанолот е многу позастапен од водород-цијанидот, отколку што астрономите обично гледаат кај кометите од нашиот Сончев Систем. Оваа хемиска нерамнотежа посочува дека „3-и / Атлас“ веројатно настанал во планетарен систем со многу различни физички услови, како што се пониски температури и/или различен хемиски состав од оние што ги создале „нашите“ комети околу Сонцето, се вели во соопштението на Националната радиоастрономска опсерваторија во САД.
– Набљудувањето на кометата „3-и / Атлас“ е како „земање отпечаток од прст“ од друг планетарен систем. Деталите откриваат од што е направена и таа е полна со метанол на начин што обично не го гледаме кај кометите во нашиот Сончев Систем, изјави Нејтан Рот, водечки автор на истражувањето и професор на Американскиот универзитет во Вашингтон.
Метанолот, којшто на Земјата се користи за индустриски цели, не е невообичаен во вселената, за разлика од етанолот (алкохолот што се пие). Метанолот се создава на површините на ледените зрна прашина во меѓуѕвездените облаци и обично се вградува во поголемите тела. Но, количината откриена во „3-и / Атлас“ изгледа невообичаено висока.
Откриен во јули 2025 година, од страна на Системот за последно предупредување за удар од астероид на Земјата, „3-и / Атлас“ е само третиот познат објект за којшто е потврдено дека влегол во нашиот Сончев Систем од меѓуѕвездениот простор. Претходно, првиот беше астероидот „Оумуамуа“, забележан во 2017., а потоа и кометата „2-и / Борисов“ – во 2019 година.
Од откривањето на „3-и / Атлас“, телескопите низ целиот свет, вклучувајќи ги и „Хабл“ и „Џејмс Веб“, ја следат кометата додека патува низ внатрешноста на Сончевиот Систем. Сликите покажуваат дифузен ореол (светлосна обвивка) и слаба опашка од прашина што се создаваат кога ѕвездената светлина го загрева мразот на кометата, ослободувајќи гас и прашина околу неа.
Доаѓањето на ново меѓуѕвездено тело, исто така, поттикна гласини дека, на пр. „3-и / Атлас“ може да биде вештачки. Но, растечкиот број докази, вклучувајќи ја неговата опашка слична на комета, млазовите гас и молекуларниот состав, посочуваат дека објектот е природно ледено тело. Овие одливи, исто така, помагаат да се објасни уште еден феномен забележан околу кометата – огромен облак од гас што испушта рендген-зраци додека наелектризираните честички од сончевиот ветер удираат во материи што излегуваат од јадрото. Набљудувањата на „АЛМА“, исто така, открија оти, додека водород-цијанидот најчесто истекува директно од јадрото на кометата, метанолот се ослободува и од јадрото и од зрната мраз во светлосната обвивка, однесувајќи се како „мини комети“. Ова е првпат вакво подробно однесување на туѓо меѓуѕвездено тело да биде мапирано.
За астрономите, ова се возбудливи вести и наоди. Објекти како кометата „3-и / Атлас“ имаат улога на „гласници“ од други планетарно-ѕвездени системи, зачувувајќи ги хемиските услови присутни таму каде што се формирале пред милијарди години и нудејќи ретки можности за проучување на градивните делови на далечните светови, без човекот да го напушти својот Сончев Систем.
март 13, 2026

