Connect with us

Живот

Копија од хомеровата „Илијада“ пронајдена во мумија стара 1.600 години

„Археолозите при ископување во древниот египетски град Оксиринх открија фрагменти од копија на хомеровата епска поема „Илијада“ испишани на папирус. Копијата била пронајдена во внатрешноста на мумија од римскиот период. Според експертите, ова засега е прв случај грчки книжевен текст да биде дел од процесот на мумификација.

Истражувачкиот тим од Универзитетот во Барселона наведува дека папирусот бил лоциран во пределот на абдоменот на мумијата, која е погребана во гробница стара приближно 1.600 години“, информираше британскиот медиум Индипендент (Independent). Археолошкиот локалитет Оксиринх, кој во античко време бил познат како Пер-Меџед, претставувал еден од најзначајните урбани центри во грчко-римскиот Египет. Денес, локалитетот се наоѓа во близина на современиот град Ал-Бахнаса – околу 190 километри јужно од Каиро.

Според експертите, мумификацијата во овој историски период претставувала сложен културен спој на египетски, грчки и римски традиции. Во процесот на балсамирање, телата често биле исполнувани со различни материјали, меѓу кои и текстови испишани на папирус. Претходни археолошки откритија во регионот покажале дека мумии од истиот период биле пронајдени со папируси напишани на грчки јазик, но тие најчесто содржеле магиски, религиозни или ритуални текстови. Ова откритие, сепак, се издвојува по тоа што станува збор за книжевно дело од висококултуро значење.

– Ова не е првпат да пронајдеме грчки папируси, уредно свиткани, запечатени и вклучени во процесот на мумификација, но досега нивната содржина била „магиска“, изјави Игнаси Ксавиер Адијего, професор на Одделот за класични, романски и семитски јазици. Тој додава дека од крајот на 19 век во Оксиринх се откриени огромен број папируси, меѓу кои и значајни грчки книжевни текстови, но дека ова е првпат грчко книжевно дело да биде пронајдено во мумија.

Хомеровата „Илијада“ е епска поема поделена во 24 книги, а потекнува од уште околу 800 година пр. н. е. Пронајдениот фрагмент припаѓа на втората книга од делото и содржи дел од познатиот „Каталог на бродови“, во кој се набројуваат грчките воени сили собрани пред Тројанската војна. Истражувачите засега немаат јасно објаснување зошто токму овој книжевен текст бил избран да биде дел од погребниот ритуал. Според нив, тоа отвора нови прашања за симболичкото значење на грчката литература во погребните ритуали на римскиот Египет. Според нивните податоци, мумијата е откриена за време на археолошко ископување спроведено меѓу ноември и декември 2025 година од страна на тим од Институтот за студии на древниот Блиски Исток при Универзитетот во Барселона.

Претходните ископувања на истиот локалитет завршиле со откривање на 52 мумии од птоломејскиот период, од кои повеќе од десетина содржеле таканаречени „златни јазици“ – артефакти кои, според истражувачите, имале симболична улога во подготовка за задгробниот живот. 

Маркетинг
Ad 2
Ad 1