Вести
Семејствата на жртвите од „Пулс“: Нашите деца не се мртви од конзумација на алкохол и дрога, да не се нарушува достоинството на починатите
Нашите деца не се мртви од конзумација на алкохол и дрога, причината за смрт согласно досегашните наоди се поврзани со изложеност на чад, токсични гасови и услови кои доведуваат до задушување и тешка интоксикација, реагираат семејствата на жртвите во пожарот во дискотеката “Пулс” во Кочани.
Во изјава за медиумите, Александар Наунов, родител на едно од загинатите деца, истакна дека со сериозна загриженост реагираат на изјавите на бранителите на обвинетите во кои се тврди дека кај починатите имало присуство на алкохол, дрога или други психоактивни супстанции.
– До овој момент вакви податоци не ни се доставени ниту нам како оштетени, ниту се презентирани како официјален доказ во постапката. Сметаме дека изнесувањето на вакви тврдења без јасни проверени официјални докази претставува сериозно и недозволиво обвинување кое директно го нарушува достоинството на починатите и дополнително ја продлабочува болката на нивните семејства – нагласи Наунов.
Порача, дека дури и хипотетички да постои присуство на одредени супстанции тоа не претставува причина за смрт во ваков настан.
-Бараме ваквите тврдења веднаш да бидат поткрепени со официјални токсиколошки анализи или да се повлечат како и судот да реагира соодветно со цел да спречи изнесување на непроверени информации во текот на постапката – изјави Наунов.
Во однос на резултати со цијанид, Наунов рече дека за тоа разговарале и со директорот на Судска медицина, Александар Станков, кој ги уверил дека за сите други токсични супстанци ќе се произнесат во судница.
Во однос на бурната реакција на барањето на првообвинетиот за замена на ефективниот со куќен притвор, Наунов рече дека малку е чудно зошто се бараат такви олеснителни околности.
– Првообвинетиот според нас родителите, е највиновен и нема никакви права да бара каква било олеснителна околност, затоа што и нашите деца немале никакви права додека излагувале и починале во таа масовна гробница во Кочани – изјави Наунов.
Обдукцијата на жртвите во пожарот во дискотеката “Пулс” во Кочани покажува дека нивната смрт е насилна и настапила како резултат од труење со јаглероден моноксид.
Обвинителството на денешното рочиште во судницата во Идризово изведе обдукциско мислење од Институтот за судска медицина за жртвите и повредените во пожарот во дискотеката “Пулс” во Кочани каде животот го загубија 63 лица, а повредени беа повеќе од 200 лица.
април 29, 2026

