Connect with us

Регион

Уапсен 89 годишен Грк кој претпладнево со огнено оружје повреди пет лица во Службата за социјално осигурување и во суд во Атина

Во грчкиот град Патра, попладнево беше уапсен 89-годишниот маж кој со ловечка карабина утрово влета во објект на Националниот фонд за социјално осигурување на Грција (ЕФКА) и во Апелацискиот суд во Атина, при што пукал и рани вкупно пет лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Сторителот беше пронајден и уапсен нешто повеќе од пет часа по вториот напад, во хотел во Патра во непосредна близина на пристаништето од каде што заминуваат траекти за Италија.

Патра е на околу 220 километри од Атина и засега е непознато како 89-годишниот стигнал до градот, а при апсењето, неофицијално, кај него бил пронајден и полн пиштол.

Првиот инцидент се случи околу 10.30 часот утрово во објект на Националниот фонд за социјално осигурување на Грција (ЕФКА) во атинската населба Керамикос, кога, сега веќе уапсениот, пукал и ранил вработен во службата, кој е лесно повреден во пределот на нозете.

Нешто помалку од еден час потоа, влетал и во Апелацискиот суд, каде што исто така пукал и повредил четири жени, кои веднаш беа пренесни во болница.

Сите петмина повредени се во стабилна состојба и се со лесни повреди.

Сè уште е нејасно како вооружениот маж, без да биде забележан, стигнал од ЕФКА до судот, со оглед на тоа што се на растојание од околу пет километри, но и како успеал да ја внесе карабината во зградата на судот.

Мотивот и причините за нападите, не се целосно разјаснети, иако дел од грчките медиуми, пишуваат дека причината е тоа што на 89-годишниот, кој долги години во минатото живеел во Канада, во Грција не му било одобрено барањето за пензија.

Маркетинг
Ad 3
Ad 1