Регион
ЕК: Србија целосно да ги спроведе препораките на Венецијанската комисија
Европската комисија очекува Србија целосно да ги спроведе сите препораки на Венецијанската комисија во најкраток можен рок, а во меѓувреме да ја суспендира примената на судските закони, објави денеска порталот „Современа политика“.
„Го добивме мислењето на Венецијанската комисија за измените на законите што ја регулираат работата на судството и обвинителството, што беа усвоени во Србија кон крајот на јануари оваа година“, изјави портпаролот на Европската комисија во одговорот до порталот.
Тој додава дека мислењето на Венецијанската комисија за збирот судски закони усвоени од српскиот Парламент е целосно усогласено со оценката на Европската комисија.
Високиот совет на обвинителство ја отфрли препораката на Венецијанската комисија за враќање на обвинителите во Обвинителството за организиран криминал, како и во Обвинителството за воени злосторства, објави весникот „Данас“.
Како што е наведено, Обвинителството одби да ја стави таа точка на дневен ред со гласање 6:5.
Ова е потврдено и од дневниот ред на седницата, што беше објавен на веб-страницата на таа институција, на кој ја нема таа предложена тема.
Венецијанската комисија, уставно-експертското тело на Советот на Европа, пред четири дена издаде итно мислење за промените во пакетот од пет закони што го регулираат судството и обвинителството (попознати како Мрдиќеви закони), што беа усвоени на 28 јануари 2026 година.
април 28, 2026

