Connect with us

Култура

Драмски со две претстави гостува на Фестивалот на монодрама во Битола

Драмски театар Скопје вечерва во натпреварувачкиот дел и утре на свеченото затворање, гостува на 27. Интернационален фестивал на монодрама во Битола.

Вечерва во официјалната фестивалска програма се игра монодрамата „Драми на принцезите – Џеки“ на режисерката Жива Бизовичар од Словенија, работена по текст на австриската авторка Елфриде Јелинек, која за романот „Пијанистка“ во 2004 година ја доби Нобеловата награда за литература.

Премиерата на претставата „Драми на принцезите – Џеки“ се играше на 13 февруари, а вечерашното учество на фестивалот ќе биде нејзина шеста изведба.

На утрешното свечено затворање и доделувањето на наградите и наградата гран при на фестивалот, ревијално ќе се игра претставата „Гидионовиот јазол“. Претставата ќе им биде посветена на наградените и на театарската публика што веќе трета деценија го следи фестивалот кој годинава се реализира под слоганот „Огледало на вистината.

„Гидионовиот јазол“ на режисерката Драгана Милошевски-Попова е претставата работена по текст на авторката Џона Адамс. Драматург на претставата е Викторија Рангелова-Петровска, а улогите ги играат актерките Биљана Драгиќевиќ-Пројковска и Ања Митиќ.

Премиерата на „Гидионовиот јазол“ беше во мај 2025 година и досега има 18 изведби на матичната сцена и на фестивалите РУТА – Сараево, „Скопско лето“ и фестивалот „Ристо Шишков“ во 2025 година, каде што актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска за улогата Корин Фел ја доби наградата за најдобро актерско остварување на 33. Меѓународен фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“.

Маркетинг
Ad 2
Ad 2