Технологија
Австралија предлага данок за „Мета“, „Гугл“ и за „Тик-ток“ за финансирање на новинарството
Австралиската влада предложи нов данок на дигиталните платформи Мета, Гугл и ТикТок, така што дел од нивните приходи ќе бидат насочени кон финансирање на редакциите и поддршка на медиумската индустрија.
Според нацрт-законот што треба да биде испратен во парламентот до 2 јули, големите технолошки компании ќе бидат обврзани да платат надомест или да склучуваат комерцијални договори со медиумски организации за користење и дистрибуција на новинска содржина, објавија американските медиуми.
Доколку платформите одбијат да постигнат договори со издавачите, предлогот предвидува данок од 2,25 проценти на нивниот приход генериран во Австралија.
Владата проценува дека мерката би можела да обезбеди помеѓу 200 и 250 милиони австралиски долари годишно за медиумскиот сектор.
Австралискиот премиер Ентони Албанезе рече дека целта е да се обезбеди соодветно финансиски вреднување на новинарството.
„На големите мултинационални компании не може да им се дозволи да користат содржина од весници за профит без соодветна компензација“, рече Албанезе.
Мета и Гугл го критикуваа предлогот, велејќи дека веќе имаат постоечки комерцијални договори со медиумите и дека новиот данок е „непотребен товар“ и погрешно претставување на дигиталното рекламирање. ТикТок сè уште не се изјанси за предлогот.
април 28, 2026

