Забава
Туристка ја оштети фонтаната на Нептун во Фиренца, предизвикана штета од 5.000 евра
Туристка (28) ја оштети фонтаната на Нептун во Фиренца на Пјаца дела Сињорија, откако се качила на споменикот како дел од, како што е наведено, предизвик пред венчавка, и со тоа предизвика штета од 5.000 евра.
Инцидентот се случил кога жената ја поминала заштитната ограда и се качила на фонтаната, по што веднаш била отстранета од местото на настанот, пренесе Анса. Според локалните власти, нејзиното однесување предизвикало „мала, но значајна штета“ на уметничко-архитектонскиот споменик, дело на ренесансниот вајар Бартоломео Аманати од 16 век, во вредност од околу 5.000 евра.
Истрагата покажала дека намерата на туристката била да се фотографира и симболично да ги допре деловите на статуата како дел од личен предизвик пред венчавка. При качувањето, таа ги користела структурата на фонтаната и фигурата на коњот како потпора за да избегне влегување во водата.
Експертите од надлежните служби по инцидентот извршиле преглед и потврдиле оштетувања на нозете на фигурата на коњот и на делот од релјефот за кој се држела. Против туристката е поднесена пријава за оштетување на културно-уметнички споменик.
април 23, 2026

