Connect with us

Економија

ДПИ: Не е констатирано криење на залихите на гориво, продолжува инспекцискиот надзор

Не е констатирано криење на залихите на гориво, покажале контролите на Пазарниот инспекторат спроведени во изминатите три до четири дена.

Директорот на Пазарниот инспекторат Влатко Стојкоски денеска изјави дека се извршени над 300 инспекциски надзори, а кај дел до бензинските станици продолжен е инспекцискиот надзор.

– Не е констатирано дека имало криење на залихите на гориво, меѓутоа е увидено дека 30-тина бензински станици ги истрошиле залихите, престанале со точење, меѓутоа по час-два можеби и четири часа, по ново танкирање на резервоарите продолжуваат со точење на гориво. Таква беше ситуацијата во овие три четири дена, изјави Стојкоски кој денеска заедно со директорката на Управата за јавни приходи Елена Петрова присуствува на настанот „Усогласеноста и фер конкуренцијата одат заедно“.

Во однос на најавите за намалување на ДДВ за увоз на енергенси доколку кризата потрае подолго и колку тоа би ја чинело државата, директорката на Управата за јавни приходи вели дека таквите проценки ги прави Владата во соработка со ресорните министерства.

– Управата за јавни приходи е оперативно-извршен орган. Тоа се проценки што ги прави Владата со ресорните министерства. На крајот какви ќе бидат мерките изразени преку законски решенија или други акти, ние ќе треба да ги спроведеме. Значи прашањето не може да се адресира кон УЈП во тој дел, изјави Петрова.

Од Пазарниот инспекторат најавуваат контроли и кај трговците поради можноста за зголемување на цените на прехранбените производи. Директорот на Пазарниот инспекторат очекува трговците да покажат општествена одговорност.

– Уште од денеска ќе биде формиран тим, изготвуваме Оперативен план и ќе има инспекциски надзори по маркетите, дистрибутерите, увозниците и производителите на храна така што наредниот период ќе се посветиме стрикно на тоа. Се надевам на разум кај трговците имајќи превдид дека и светот се соочува со светска економска криза и очекувам и нивна општествена одговорност. Оваа Влада во многу наврати покажала дека е партнер со трговците во смисла на обезбедување евтини кредити, овозможување фер и лојална конкуренција така што како Испекторат ќе бидеме на терен и ќе ги следиме бруто профитните маржи, рече Стојкоски.

Маркетинг
Ad 2
Ad 3