Connect with us

Скопје

ДЗР: ЈП Колекторски систем-Скопје работи повеќе од 35 години, без добиена дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води

Јавното претпријатие „Колекторски систем“ – Скопје се наоѓа во тешка финансиска и оперативна состојба, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2024 година. Ревизорите изразуваат неповолно мислење за реалноста на финансиските извештаи, откривајќи низа неправилности и ризици за одржливоста на работењето.

Работа „на диво“ и неопремен систем

Во извештајот на ДЗР е наведено дека претпријатието веќе 35 години работи без добиена дозвола за собирање, одведување и пречистување на отпадни води која ја издава Министерството за животна средина и просторно планирање. Колекторскиот систем не е опремен со протокомери за мерење на влезната вода, СКАДА-систем за мониторинг и контрола и агрегати за резервно напојување.

Во извештајот е констатирано дека е проблематичен и статусот на имотот. Инфраструктура изградена пред повеќе од 35 години вредна над два милиони евра сè уште не е запишана во Катастарот, а претпријатието не поседува имотни листови за речиси ништо освен за пумпната станица „Подмоље“, која се наоѓа на земјиште од 812 квадратни метри.

„Јавното претпријатие, основачот и општините во регионот преку акционите планови и инвестициони програми не придонеле доволно за одведување и прочистување на отпадните води и заштита на Охридското Езеро“,се вели во извештајот.

Според наведеното во извештајот, во 2024 година се фактурирани само 33 отсто од вкупно пречистената вода.

„Во 2024 година фактурираната вода изнесува 3 736 453 кубни метри, додека испуштената пречистена вода е 11 300 390 кубни метри, што укажува на сериозни технички и физички недостатоци во мрежата на зголеменото ниво на отпадните води“,се вели во извештајот на ДЗР.

Намалена ликвидност и побарувања што може да не се наплатат

Ревизорите утврдиле дека со акумулирани обврски од над 493 милиони денари (над осум милиони евра) и блокирана сметка уште од самото основање во 2020 година, претпријатието има намалена ликвидност и се соочува со сериозни финансиски предизвици.

„Добавувачите чекаат наплата во просек по 1 139 дена или над три години, а просечен период на наплата на побарувања е 333 дена или приближно една година“се додава во извештајот.

Ревизијата открива и дека претпријатието има побарувањата од околу 5,9 милиони евра од водоводните претпријатија во Охрид и во Струга, за кои постои ризик да не бидат наплатени поради застареност и недостиг на правни механизми.

„Во трговските книги и финансиските извештаи со 31 декември 2024 година, евидентирани се побарувања од поврзаните друштва ЈП ’Водовод’ Охрид и ЈП ’Водовод и канализација’ Струга во вкупен износ од 5 926 683 евра, кои се преземени по основ на статусната промена и се однесуваат на корисници приклучени на колекторскиот систем заклучно со 30.06.2019 година“се вели во извештајот.

Според ревизорите, имајќи предвид дека поврзаните претпријатија располагаат со базите на приклучоци и до 2020 година ги изготвувале и сметките на корисниците, но немаат економски интерес да преземаат мерки за навремено утужување на ненаплатените побарувања, бидејќи ваквите побарувања претставуваат обврски кон ЈП „Колекторски систем“ – Скопје, во пракса иницираат нивен отпис.

Ревизорите нотираат и сомнително трошење пари. Во 2024 година биле исплатени околу 8 500 евра за адвокатски услуги без соодветна документација, врз основа на договор кој е оценет како неповолен. Доколку претпријатието сака да го раскине овој договор, ќе мора да плати „пенали“ од над 23 000 евра.

Препораки за надминување на утврдените состојби

Државниот завод за ревизија укажува на неминовна потреба од изготвување план за финансиска стабилност кој ќе вклучи реална проценка на ликвидносните ризици, временска рамка за деблокирање на сметката и отплата на обврските, мерки за намалување на зависноста од краткорочни задолжувања, приоритетна наплата на побарувањата и оптимизација на трошоците, со цел обезбедување на долгорочна стабилност и одржливост на работењето на претпријатието.

За надминување на утврдените состојби ревизорите велат дека се дадени препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите.

Во извештајот од ДЗР се наведува дека од страна на законскиот застапник на Јавното претпријатие „Колекторски систем“ – Скопје биле доставени забелешки на нацрт-извештајот, кои биле разгледани и било констатирано дека претставуваат известување за преземени мерки и активности по утврдени состојби и дадени препораки.

Маркетинг
Ad 4
Ad 1