Connect with us

Култура

„Ова е само крајот на светот“ в сабота премиерно во Драмски театар

Претставата „Ова е само крајот на светот“, во режија на Теа Беговска, ќе биде премиерно прикажана на 7 март, в сабота, во Драмскиот театар – Скопје. Настапуваат Стефан Вујисиќ, Билјана Драгиќевиќ-Пројковска, Александар Степанулески, Сара Климовска и Ања Митиќ. Костимите и сценографијата се на гостинката од Бугарија, Надја Василева Ковачевска, а за музиката се погрижи Енес Беговски.

Претставата во времетраење од час и половина, ја третира комуникацијата со најбилиските, работите што често се премолучуваат во семејството.

Неколкучасовна семејна илузија на фамилија како и секоја друга, која ќе го задржи вниманието на публиката и ќе ја остави без здив, зашто нема совршено семејство – многу работи се премолчуваат, а на некој начин, сепак се комуницираат. Вака денеска, на прес-конференција, беше најавена претставата која, согласно годинашната програма на Драмски, е прва од предвидените шест премиери.

– „Ова е само крајот на светот“ зборува за одложувањето на вистината и колку тоа може да биде опасно, колку може да стане страшно зашто ако не комуницираме дома и ако не го кажеме дома проблемот, тогаш каде би го кажале на друго место. Сите искрено и чесно влеговме во проектот, имавме смирен и убав процес. Направивме искрена и жива претстава во однос на личното доживување на актерите како карактери. Се запознав со текстот уште во 2015 – 2016 година преку филмот на Хавиер Долан и оттогаш тлее мојата желба да се реализира овој проект, рече Беговска на прес-конференција.

Според Василева Ковачевска, темата е исклучително актуелна, но и многу важна.

-Секој од нас многу искрено влезе во проектот, многу се зближивме. Актерите играат прекрасно. Живееме заедно на толку мал простор, а како секој од нас да е на некое посебно островче, како да е секој своја вселена, рече Василева Ковачевска.

Според главниот актер, Вујисиќ, станува збор за минималистичка игра која е предзивик да се долови на голема сцена.

-Се обидовме да доловиме еден јазик на сцена и мислам дека успеавме. Имаме и техниќка поддршка, камери што снимаат од три пункта. Тоа заначи дека ова е своевиден хибрид на медиуми што има и филмски и театарски елементи, истакна Вујисиќ.

Климовска очекува, како што кусо рече, дека публиката ќе ја препознае искреноста на сцена.

-Нашата претстава е емотивен ролер-костер, недостигаат многу делови од сложувалка кои не можат да се најдат или да се нацртаат. Ова е неколкучасовна илузија ако се одвива во реално време во кое не можат да се решат многу семејни работи и проблеми. Се надевам дека ќе задржи големо внимание кај публиката, истакна Драгиќевиќ-Пројковска.

Митиќ сподели дека претставата е возбудлива зашто членовите на семејството се обидуваат да ги споделат премолечните работи – кој колку е подготвен и кој колку сака да прифати.

-Работите не ги кажуваме директно, но на некој начин ги комуницираме меѓу себе и тоа беше возбуидлив предизвик, рече актерката.

Директорот на Драмски, Роберт Вељановски се осврна на програмата за 2026 година, најавувајќи ја следната премиера, „Мачкина глава”, на 21 април, по текст на Венко Андоновски, во режија на Дејан Пројковски, што ќе се игра на денот по повод 80 години од постоењето на Драмскиот театар. Вељановски во оваа прилика го промовираше и логото за јубилејот.

-Вкупно 6,72 милиони денари е буџетот на Драмски за 2026 година или за 820 000 повеќе од ланскиот. Дали е тоа доволно? Не е за шест шретстави, но Драмски како и секогаш во изминатите две години, вложува дел од сопствените средства кои ги заработува од секоја продукција, подвлече директорот.

За издавачка дејност Драмкси добил 500 000 денари од кои 150 000 се наменети за изданието на Театарскиот гласник, а останатите за Монографијата по повод 80 години Драмски театар.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4