Филм
Адам Сендлер ќе го замени Кристијан Бејл во „Тајм аут“
Адам Сендлер ќе го замени Кристијан Бејл во главната улога во претстојнaтa преработка на „Тајм аут“ (Time Out), или „Распоред“, на режисерот Скот Купер. Според „Ворлд оф рил“ (World of Reel), Бејл се откажал од проектот..
„Распоред“ е преработка на францускиот филм „L’Emploi du temps“ на Лоран Канте од 2001 година (погледни го трејлерот). Нетфликс ќе ја продуцира американско-канадската преработка, а снимањето се очекува да почне на 1 април во Ванкувер, Канада. Заплетот го следи Винсент, кој е отпуштен од работа, но ја крие лошата вест од сопругата и синот, создавајќи мрежа од лаги за да го прикрие сето тоа. На крајот, неговите лаги почнуваат да го загрозуваат неговиот и животот на неговото семејство. Во изворниот филм глумат Орелиен Реквинг, Жан-Пјер Манго и Карин Вијар.
Адам Сендлер, инаку, претходно оваа година изјави дека планира да сними „уште 50 филмови пред да почине“. Глумецот зад себе има веќе 70 филмови во својата кариера.
март 5, 2026

