Култура
Манифестацијата „Невестинско поклонение на Свети Теодор Тирон 2026″ – влог во зачувувањето на обичаите и традицијата во регионот
Осум невести кои се венчале помеѓу двете “Тодорици”, од Кочани, Велес, Пробиштип, Скопје и Крива Паланка, заедно со своите свекрви денес учествуваа на еден од најрепрезентативните и најавтентични симболи на нематеријалното културно наследство на кривопаланечкиот крај “Поклонение на Свети Теодор Тирон”.
Возобновениот обичај на поклонение пред светецот за род и пород, се одржа денеска по шеснаесетти пат во кривопаланечкото село Конопница, во дворот на црквата „Св. Теодор Тирон“, каде и годинава присуствуваа стотици верници и посетители, сведочејќи на обичајот сочуван од заборав, што се пренесува на младите генерации.
-Изминатите 16 години од возобновувањето на манифестацијата, Невестинското поклонение е жив обичај, сведоштво кое докажува дека Конопница и Крива Паланка ги чуваат корените, уникатната култура и традицијата. Овде луѓето се добри и искрени, веруваат во семејните вредности и силата на заедницата, а културниот идентитет го пренесуваат како аманет од колено на колено. Општина Крива Паланка како покровител на манифестацијата секогаш ќе го поддржува овој послесвадбен обичај со вера и љубов, зашто традицијата е темел и мост кон иднината која ги промовира сплотеноста и заедништвото, рече градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски.
Станува збор за уникатен постсвадбен ритуал, препознатлив во поширокиот регион. Право на учество имаат сите снаи кои склучиле брак во периодот помеѓу двете Тодорови саботи, придружувани од своите свекрви, облечени во традиционални народни носии, впечатлива и симболична глетка што ја отсликува суштината на семејните вредности, почитта и заедништвото во македонската традиција, информираат од општината.
Манифестацијата се реализира под покровителство на Општина Крива Паланка, во организација на РЗР „Патник“, со поддршка од месната заедница на село Конопница, НУ Центар за култура и ЛУ Градски музеј Крива Паланка, со заедничка мисија: зачувување, негување и промоција на нематеријалното културно наследство на регионот.
Настанот беше збогатен со културно – уметничка програма која се одржа по литургијата во црквата и молитвата за род и пород од страна на свештенството од кривопаланечкото архиерејско намесништво при Кумановско – Осоговската епархија.
март 2, 2026

