Connect with us

Култура

Со нови и донирани книги обновен книжевниот фонд на библиотеката „Гоце Делчев“ во Гевгелија

Со замена на старите и амортизирани изданија и со набавка на училишни лектири и наслови од современата белетристика, обновен е книжевниот фонд на градската библиотека „Гоце Делчев“ во Гевгелија, која е меѓу постарите библиотеки во земјава.

Библиотеката, која започнала со работа во 1945 година со околу 3.000 книги собрани од месното население, денес располага со над 70.000 библиотечни единици и има околу 700 активни членови. Како дел од својата дејност, таа активно учествува во бројни книжевни настани.

Според директорот на библиотеката Стефан Марковски, по изготвена листа од околу 200 потребни наслови – со акцент на лектири, литература за деца и млади и книги од современата белетристика – биле набавени нови изданија кои веќе се достапни за читателите. Дополнително, библиотеката добила повеќе од 300 донирани и дистрибуирани книги од членови, граѓани на општина Гевгелија, издавачки куќи, како и од НУБ „Свети Климент Охридски“.

– Вкупната бројка на донирани книги беше поголема од набавените, за што упатувам голема благодарност до сите донатори кои придонесоа за збогатување на нашиот фонд и книжевната шареноликост, истакна Марковски.

Неодамна во библиотеката е направена измена во времетраењето на членството, односно начинот на регистрирање на новите членови.

  • Откако го воведовме електронското зачленување во библиотеката преку Cobiss (мрежа во која библиотеките од цела држава се дигитално поврзани), членството на нашите членови е во времетраење од една година од датумот на зачленување. Претходно, периодот на важење на членството беше до 31 декември од тековната година и согласно оваа промена, воведена е и различна динамика во зачленувањето на подолг рок. Добро е што членовите веќе се прилагодија на оваа промена, овозможувајќи им соодветно времетраење на членството, а книжевната понуда овозможува одржување, па и растење на бројот на членови, додава Марковски.

Во изминатата 2025 година, градската библиотека бележи учество во повеќе книжевни настани, организирани како дел од проектот Град на културата, чиј носител лани беше Гевгелија. Меѓу другото, доделени се признанија на читатели со најголем број прочитани наслови и организирано е литературно читање на книжевни творби од страна на учениците кои се наградени на традиционалниот конкурс по повод „Месец на книгата“.

Меѓу позначајните активности се одбележувањето на 80-годишнината од озаконувањето на македонскиот правопис, третото издание на изложбата „НарАРТива“ во соработка со НУ Музеј – Гевгелија, објавувањето на дванаесеттото издание на „Метрички карван“, како и гостувањето на претставници на Друштвото на новосадски книжевници.

  • Се спроведе и третата работилница за креативно пишување, а беа организирани и книжевни промоции, вклучувајќи ја и промоцијата на романот „Земјата на сирењето“ од романско-канадската авторка Фелича Михали, добитничка на значајни меѓународни признанија и промоцијата на „Одблесоци на сонот“ – збирка со наградени книжевни творби од основците и средношколците во општина Гевгелија и учесниците во работилниците за креативно пишување во периодот од 2022 до 2024 година. Токму последнава од наведените активности ме прави горд, инспирирајќи ми ја вербата дека за творечката младинска жар во доменот на литературата сè уште постои основа и механизам за проискажување, што верувам дека продолжува да биде една од најсуштинските мисии на библиотечната работа, покрај дејноста која подразбира управување со книжевен фонд, истакнува Марковски.

Најбројни читатели се средовечните лица, а по нив следуваат основците и средношколците. Најбарани се лектирите и современата белетристика, додека старите класици се поретко побарувани.

  • Читателските навики и понатаму остануваат важен дел од културата на еден народ, а нивното трансформирање оди во бранови, но основата ја сочинуваат помладите. Драго ми е што имавме интензивирана соработка со основните и средното училиште, освен што учениците учествуваа во наши активности, библиотеката беше во повеќе наврати организирано посетена од нив, со што имаа прилика да се запознаат со нашата работа, вели директорот на јавната општинска установа.

Од оваа есен, како што додаде, воведена е бесплатна едногодишна членарина и бесплатно позајмување лектири за учениците во второ одделение, со цел поттикнување на читателските навики уште од најрана возраст.

Со воведување на проектот Дигитална библиотека, приоритет на оваа установа е дигитализирање и скенирање на одредени изданија од роднокрајниот оддел на библиотеката, вклучувајќи и изданија од автори со потекло од Гевгелија и гевгелискиот крај.

Целта е на читателите да им се обезбеди пристап до повеќе дигитални изданија кои изнесуваат сведоштва за историјата на Гевгелија, занаетчиството, како и културните, обичајните, духовните, спортските и сите останати аспекти на животот во гевгелискиот крај.

Од библиотеката информираат дека процесот се работи тековно, а дигиталните изданија ќе бидат достапни на веб-адресата: https://bibliotekagevgelija.com.mk/digitalna-biblioteka/rodnokrajni-avtori/.

Маркетинг
Ad 4
Ad 4