Connect with us

Вести

Сиљановска-Давкова: Билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример, членките на ЕУ треба да ја превенираат

Билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример и членките на ЕУ треба да ја превенираат – изјави денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на заедничката прес-конференцијата со албанскиот колега Бајрам Бегај, кој престојува во официјална посета на Македонија.

Претседателката Сиљановска-Давкова повтори дека сме цврсто определни за влез во ЕУ и истакна дека во чекорењето на Црна Гора и на Албанија на патот кон ЕУ гледа европски чекори и за целиот Западен Балкан.

– До членството се стигнува со реформи, особено со владеење на правото, борба против корупцијата и јакнење на демократските институции. И тука имаме консензус дека тоа е нешто што не е врзано само со Копенхашките критериуми, туку за нашата европеизација – рече претседателката Сиљановска-Давкова.

Таа притоа истакна дека билатерализацијата на евроинтеграцијата нема да биде осамен пример и дека земјите членки на ЕУ сериозно треба да се однесуваат, да ја превенираат.

– Ставањето на идентитетските и на историските прашања на агендата само ќе го комплицира процесот на пристапување на земјите што природно припаѓаат кон ЕУ – рече таа.

Македонската претседателка оцени дека односите меѓу нашата земја и Албанија се одлични и пријателски, немаме отворени прашања и имаме основа за продлабочување на соработката во сите области.

– Денешната средба за мене е поттик за поинтензивна билатерална соработка и таа е уште еден влог во продлабочувањето на пријателството и на заемната поддршка – рече претседателката.

Албанскиот претседател Бегај истакна дека односите меѓу двете земји треба да бидат пример во регионот, особено во соработката. Блискоста е секојдневна, додаде тој, преку студентите, бизнисите, претприемачите, трговската размена, туристите… Коридорот 8, како што кажа, е симбол на новата ера на соработка, но и за европската безбедност во иднина.

Бегај исто така зборуваше и за клучната улога на Албанците во Македонија посочувајќи, меѓу другото, исто така и на почитувањето на одредбите од Охридскиот рамковен договор, но и на почитување на правата на Македонците во Албанија. Тоа, рече тој, претставува силен мост за соработка помеѓу двете земји.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2