Connect with us

Култура

Вековната карневалска традиција уште еднаш ја крена на нозе Струмица

Вековната карневалска традиција уште еднаш ја крена на нозе Струмица со Интернационалното карневалско дефиле, на кое продефилираа 39 групи со над 1.000 учесници од земјава и странство, кои со голем елан ги промовираа своите карневалски креации.

И годинава  кралот на карневалот објави: „Време е, нека почне Струмичкиот карневал“, почна да тече реката од карневалски креации, а традиционално први настапија струмичките мажоретки. За кусо време публиката на нозе ја кренаа „Блескавите пеперутки“ од Шумен, Бугарија, а по нив „Игра на снегулките“ на ОУ „Сандо Масев“ од Струмица.

-Нашите снегулки носат радост, љубов, среќа и промена. За кратко време ја подготвивме маската и сме многу среќни што настапуваме на Карневалот, рече претставничка на оваа маска.

Впечатлива беше и маската „Цветина свадба“ на струмичката гимназија „Јане Сандански“.

-Со маската се враќаме во историјата, на македонската традиционална свадба, а зедовме дел од Македонска крвава свадба и пораката е да има слога меѓу сите нас, рече Атанас Цикарски. 

Најдобрите карневалски креации ги оценува жири комисија, а за најдобрите во повеќе категории се предвидени парични награди.

На Карневалот присуствуваа потпретседателот на Собранието, Антонио Милошоски, бројни гости од земјава и странство и претседателот на FECC, Ларс Алгел.

Карневалските празнувања во Струмица продолжуваат утре, на празникот Прочка, кога се одржува традиционалниот Детски карневал, на кој младите струмичани ќе продефилираат со своите маски.

Маркетинг
Ad 3
Ad 2